Се забранува крадење на фотографии!

Непочитувањето на авторските права и безправното преземање на фотографии, ,,нелојалната конкуренција” од државните службеници во улога на фоторепортери, отежнатиот пристап за работа на настани од јавен интерес, солидарноста како предуслов за заедничко делување беа дел од темите на работната средба. На иницијатива на претставниците на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ, денеска со присуство на најголемиот дел професионални фоторепортери од државата, се одржа конструктивна средба на која се донесоа повеќе заклучоци за идните делувања.
Претседателот на ЗНМ, Чадиковски ги поздрави присутните и порача: ,,Од исклучителна важност е на ваквите средби да ги споделиме очи во очи проблемите и предизвиците со кои се соочувате вие фоторепортерите. Во многу сегменти ги делите истите проблеми како и новинарите и останатите медиумски работници. Работата и активностите на оваа секција придонесуваат да се детектираат и да се бараат начини за надминување на професионалните предизвици со кои се соочуваат луѓето од овој сектор, кои важат за силни професионалци. Потребно е да продолжиме со солидарниот пристап и заедништвото во работата како на вас фоторепортерите, така и на новинарите како предуслов за унапредување на професионалноста”.
Фоторепортерите истакнаа дека се соочуваат со повеќе предизвици и сугерираа дека е потребен институционален пристап за подобрување на условите и практичен притисок во контекст на интензивни средби со одговорните лица кои ги планираат и организираат настаните во име на јавните институции. Освен ова присутните ја истакнаа потребата од дополнителна промоција на правата на фоторепортерите и фактот дека нивниот авторски труд треба да се почитува и цени како од страна на медиумите така и од страна на институциите.
Фоторепортерот Роберт Атанасовски во своето обраќање ја истакна важноста од ваквите средби бидејќи на овој начин може да се споделат проблемите, како и да понудат заеднички решенија со кои би можеле да пробаме со солидарен пристап да промениме некои работи во позитивна насока.
Беше поздравена инцијативата за обуки во насока на унапредување на безбедноста на фоторепортерите и професионалната етика. Како плод на досегашната успешна соработка беше дискутирана публикацијата – прирачникот за следење на настани од висок ризик во кој се претставени меѓународни стандарди и процедури што се применуваат кога фоторепортери известуваат од настани со висок ризик.
Фоторепортерот Петр Стојановски пред присутните истакна дека ова е одлична можност да поразговараме на важни теми кои директно ги засегаат фоторепортерите, како да направиме позитивен чекор во насока на обезбедување на нормални услови за непречена работа на фоторепортерите кога се покриваат разни настани или протести.
Како координатори за идните активности на секцијата беа избрани колегата Атанасовски и Стојановски кои заедно со извршната канцеларија на ЗНМ во иднина ќе ги организираат активностите на секцијата на фоторепотери при ЗНМ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.