Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје се отвора самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.
Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.
Изложбата на текстуални дела, објекти и видео во МСУ се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури. Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.
„Понекогаш само се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што ние веруваме дека е дефинитивно“, вели авторот.
Неговите дела се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија куси изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот.
Насловот на изложбата јасно покажува како Селмани користи неочекувани сопоставувања и иронија – извртување на берберска изрека, со референца на стих на едно од неговите омилени поетски дела, „Туѓинецот“ (L’Etranger) од Шарл Бодлер. Тој ги бара и ги наоѓа точките, каде што јазикот се прекршува, каде што отвора јаз, пукнатина меѓу нештата, зборовите и новоконструираната слика, трансформирајќи го познатото во зачудна уникатна ситуација, а потоа повторно се враќа од фикциското кон разбирање на секојдневието.
Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските песни, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.