На 4 ноември, 2022 година, во Гевгелија ќе бидат промовирани првите резултати од туристичката платформа на Општина Гевгелија за утврдување на туристичкиот идентитет. Покрај промоцијата на туристичката платформа, ќе бидат претставени петте туристички столба за туристичкиот потенцијал на Општината. Исто така, ќе биде презентирано и новото туристичко лого, како и веќе изработените промотивни материјали. Во рамките на Кампањата за утврдување на туристичкиот идентитет на Општина Гевгелија, изработени се брошура, флаери и промо-видеа, како и веб-страната за промоција на туристичкитите капацитети и погодности во
Гевгелискиот Регион.
Промоцијата ќе биде одржана во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 12 часот.
***
На 4 ноември, 2022 година, по повод одбележувањето на 7 Ноември, а во рамки на празничната програма и во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ќе гостуваат Оперскиот и Балетски ансамбл при Националната опера и балет со „Болеро“ и „Оперски концерт“. Концертот на НОБ ќе се одржи во Големата сала на Народниот театар, по завршувањето на 17 свечена седница на Советот на Општина Гевгелија, во 20 часот. Гевгеличани, во првиот дел, ќе имаат можност да ја проследат балетската изведба на „Болеро“ од Морис Равел, во
кореографија на Саша Евтимова, за која со своја мисла ќе истакне:
– Танцот е прослава на движењето и движењето е одговор на музиката, магнетни сили кои обединуваат групи, а силите на ритамот го носат телото низ просторот. Имајќи ја оваа идеја, ги гледам играчите како музички ноти кои патуваат низ времето и просторот. Музиката е основата, а телото е инструментот. Како што сликарот ја користи четката на платно, скулптурот своите раце или писателот, исполнувајќи ја секоја празна страница со зборови. Танцот е форма за комуникација, збир на моменти и искуства преку кое креативно и емотивно се изразуваме, еден вид молитва која ја издигнува душата до нејзино целосно исцелување.
Во вториот дел, публиката ќе ужива во Гала-концерот на четирите солисти од Оперскиот ансамбл, во придружба на пијано:
Ана Ројдева, Злата Тошеска, Александра Лазаревска- Василевски и Павлина Новакова- Георгиева. На програмата се застапени оперски дела од: Боито, Глук, Пучини, Верди, Маскањи, Белини, Гуно, Делибес, Доницети и Штраус.
***
Исто така, Советот на Општина Гевгелија ќе ја одржи својата 17 свечена седница по повод празникот 7 Ноември- Денот на слободувањето на Гевгелија. На седницата, која е закажана за 4 ноември, 2022 година, во Големата сала на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19 часот, прво, ќе има обраќање на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по повод 7 Ноември- Денот на ослободувањето на Гевгелија.
Покрај членовите на Советот на Општина Гевгелија, на свечената седница, ќе присуствуваат и поканети гости- претставници на Здружението на борците од НОВ од Гевгелија, делегации од збратимените Општини Инџија- Република Србија, Јабланица- Република Босна и Херцеговина, Севлиево- Република.
Бугарија, пријателските Општини: Разлог- Република Бугарија, Гвозд- Република Хрватска и Велика Кладоша- Република Босна и Херцеговина, како и претставници на другите Општини од државата, локалните институции и установи и бизнис-заедницата.