КАТЕРИНА МИТКОВСКА: Чест e да се наградат најдобрите просветни работници

“Здружението на просветни работници на Град Скопје” во последниве години сѐ повеќе во јавноста го прикажува своето постоење и дејност преку разни активност. Разговараме со претседателката Катерина Митковска, дипломиран педагог.

Да почнеме со последниот настан. Здружението во соработка со Град Скопје беше организатор на манифестацијата “Просветен работник на годината на Град Скопје” која се одржа на 19 октомври 2022 година во Младинскиот културен центар – МКЦ.

-Преку соодветна програма беа доделени признанија на најдобрите просветни работници на градот Скопје и неговата околина, за учебната 2021/2022 година. На истата манифестација беа наградени просветни работници кои се медиумски познати но и имаше и такви кои не се многу медиумски експонирани а и тоа како се познати во својата фела по многу основи, по професорската врвност во работата, многубројни активности со учениците претставувајќи ја државата како на домашен така и на меѓународен план со освоени многу награди по тој основ, истите се активни и во хуманитарни активности, автори се на многу книги, учебници, уредници на детски списанија и слично.
*На кој начин беше одлучувано за признанијата и за кои наставници станува збор?

-Манифестацијата “Просветен работник на годината на Град Скопје” во соработка со Град Скопје се одржува веќе 21 година. Целта е да им се укаже внимание на просветните работници кои се истакнуваат во својата професија со својата трудољубивост и посветеност кон работата во интерес на учениците и воспитно – образовниот процес воопшто, а која треба да биде и тoa како забележана и вреднувана. Во состав на здружението постои Комисија за доделување на награди и признанија која според одреден правилник и критериуми кои се забележани во самиот оглас врши бодирање на пријавените кандидати според споменатите критериуми. Нивната одлука ја усвојува Претседателството или Извршниот Одбор, а ревизија на изборот и одлуката врши Надзорниот Одбор. За да биде избран одреден кандидат одлуката мора да помине низ овие три тела. Признанијата за најдобрите просветни работници се доделуваат во неколку категории, а добитниците за учебната 2021/2022 година се:
1. Воспитувачи (детски градинки и ученички домови): Суза Ангелевска, воспитувач во ЈУДГ “Орце Николов”
2. Одделенски наставници: Љиљана Атанасова, одделенски наставник во ООУ “Живко Брајковски”
3. Предметни наставници од основните училишта: Вера Ангеловска, предметен наставник во ООУ “Кузман Јосифовски – Питу”
4. Наставници од средните училиште- Вјенцислав Рангелов, наставник во СУГС “Никола Карев”
5. Наставници од заедниците: Насер Мифтари, наставник во СУГС “Зеф Љуш Марку”
6. Стручни со работници Mилица Серафимовска, дипломиран дефектолог при ОУРС “Златан Сремец”
7. Специјални признанија за особен придонес: Раде Илиевски, наставник во ООУ “Исмаил Ќемали” за особен придонес во воспитно –образовната и хуманитарната дејност
Томислав Маниќ за особен придонес во воспитно – образовната дејност*

*На самата манифестација Вие рековте дека меѓу избраните нема просечни туку се избрани најдобрите меѓу најдобрите просветни работници. Дали тоа е основната определба на Здружението да е свртено кон најдобрите, или Вие го востановивте како критериум откога сте на чело на истото? 

– Чест и задоволство е да се работи во мисија на просветните работници, но ивистински предизвик да се одговори на целите и задачите поставени од страна на здружението во кое доброволно и волентерски членуваат најголемите професионалци. Тоа се истакнати просветни работници во своите области на делување во воспитно – образовниот процес на Град Скопје. Во здружението може да членува секој заинтересиран просветен работник, но при изборот и доделувањето на признанието од никогаш немало да биде избран некој што е со просечна документација и која не одговара на критериумите. Така било и така ќе остане.

*Колку години постои Вашата организација? Кој ја основаше и кои се нејзините цели и активности? Самиот назив укажува на тоа дека и Град Скопје застанува зад Вас. Дали е така или има некоја поинаква заднина?

-“Здружението на просветни работници на Град Скопје” е доброволна, неполитичка општествена организација и легитимен претставник на просветните работницина град Скопје кои се негови членови. Основано е во 2001 година од страна на професорот по македонски јазик и литература Раско Лозаноски кој сега веќе е пензиониран и е почесен претседател. Својата активност Здружението ја базира врз основа на Законот за здруженија и фондации и Статутот на здружението. Цели и задачи на Здружението се:
– обединување на општественото и професионалното работење и делување на просветните работници и нивните организациони облици во градот Скопје; збогатување на формите на работа и делување; подобрување на професионалниот, општествениот и економскиот статус на просветните работници како и поголема општествена афирмација; унапредување на воспитно  образовната дејност во сите облици; популаризација на професијата просветен работник; се грижи за стручно усовршување, поттикнување и методичко – педагошко издигнување на своето членство во сите сфери на воспитно – образовната работа; формирање на нови организациони облици кои можат да придинесат за унапредување на педагошката теорија и практика; да им помага на своите членови во дејноста и да ги поттикнува на научно истражувачка работа; размена на искуства за подобрување на воспитно – образовната работа; остварување на поголема поврзаност и соработка меѓу институциите од високото, средното, основното и предучилишното образование и воспитание вклучително и ученичките и студентските домови, училиштата за деца со посебни образовни потреби, заводи за рехабилитација и образование на деца и младинци, воспитно – поправни установи, казнено поправни установи, установи/ организации за доживотно учење, односно сите оние институции во кои се изведува воспитно – образовна работа и едукација како во државата така и во странство; грижа за чување и негување на светлиот лик и углед на просветниот работник и јавно
оградување од непрофесионалното и недолично однесување од страна на поединци … Своите цели и задачи Здружението ги остварува преку: просветните работници во општините кои гравитираат кон градот Скопје, други организациони облици на росветните работници, Сојузот на просветните работници на РСМ, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, локалната самоуправа, меѓународни здруженија, синдикати, асоцијации, невладини организации и други граѓански здруженија и фондации со иста или слична дејност. Со Град Скопје соработуваме по основ на оваа манифестација која е веќе традиционална со нивна поддршка долги години наназад. Ние сме самостојни како организација и така делуваме, а соработуваме со сите погоре споменати кои нѐ поддржуваат во некоја одредена активност.

*Поаѓајќи од некои настани, забележувам дека Вашето здружение не е херметички затворено. Имате соработка и со уметници од разни фели – ликовни уметници, литературни творци, музичари…

-Со оглед на тоа дека образованието и културата одат заедно и се неразделни, на нашите настани и актиквности учествуваат многу уметници од разни фели како што рековте и кои ги разубавуваат тие настани. Тоа се врвни личности познати во јавноста. Ако се сеќавате поранешниот назив на Министерството за образование и наука беше Министерство за образование и култура.

*Да се осврнеме повторно на годинешната манифестација, настапија и ученици со извонредни балетски точки, рецитации, хорски настап, но имавте и фолк пеjaч како изненадување на наградениот професор Раде Илиевски.

-Специјалното признание за особен придонес во воспитно – образовната и хуманитарната дејност беше доделено на професорот Раде Илиевски, професор по физичко и здраствено образование. Низ својата професионална кариера истиот има освоено бројни награди како “Просветен работник на годината на Град Скопје”, “Просветен работник на годината на Македонија”, “Просветен работник на бившите југословенски простори”, “13 Ноемвриска награда на Град Скопје”, 87 пати е дарител на крв и како лиценциран спасител има спасено 27 човечки животи од кои на 14 деца. Како инструктор – тренер по пливање, повеќе од 20 години работи со деца без родители, децасо посебни потреби, деца со аутизам, целебрална парализа, даунов синдром, болни деца од мултиплекс склероза и деца на самохрани родители, целосно доброволно и ентузијастички. Кога му ја доделувавме оваа специјална награда сакавме да му приредиме изненадување во договор со неговиот обожуван пејач Јордан Митев кој со задоволство ја прифати нашата покана. Инаку и Јордан Митев е од нашата фела, тој е дипломиран професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот Музичка теорија и педагогија со народни инструменти. Оттука е тоа што кажав претходно, дека овде нема просечни.
*Томислав Маниќ, големата жива музичка легенда, исто така доби специјално признание, а сѐ се случуваше и на празникот Свети Тома. Беше фешта. Тој воедно како што кажавте бил и професор.

-Здружението сака да ги уважи и пензионираните просветни работници кои оставиле белег со своето долгогодишно учителствување. Томислав Маниќ во јавноста е познат како доајен на македонската забавна музика. Има богата дискографија со снимени 524 песни, со што се вбројува меѓу најпродуктивните пејачи. Не знам колку е познато во јавноста дека истиот беше професор по историја во средното економско училиште во Општина Бутел, поранешно “Моша Пијаде”, а сегашно “Арсение Јовков” кој со својата харизма оставил голем впечаток меѓу учениците и своите колеги. Уште поголема радост за професорот беше што признанието му беше доделено токму на неговиот именден, празникот Свети Тома. Истиот на големо задоволство како и на задоволство на публиката нѐ почести со неговите евергрин песни “Црвени рози за Вас мадам” и “Стариот кавалер” а изненадување му подготвивме и со неговите ученици сега веќе возрасни луѓе кои искажаа пофални зборови за нивниот професор, заиграа и запеаа на сцената заедно со него. Томислав Маниќ остави белег не само во воспитно–образовниот процес туку и во културата.
*Оваа пролет во Дебар маало на Боемска улица организиравте извонредна културно ументичка програма на која споивте млади генерации од училиштата но и докажани врвни уметници, поети, што следно подготвувате?
-Токму така, тоа беше настан за паметење кој го организиравме по повод Денот на пролетта, екологијата и поезијата заедно со светски познатиот, а наш ликовен уметник Живко Поповски – Цветин. Тој е миротворец и обединител на луѓето. На настанот со свој настап учествуваа ученици од разни училишта, просветни работници, нашите реномирани поети: Ѓорги Ѓоргиевски – Ѓе. Ѓе., Лилјана Стоилковска, Лидија Јеремиќ Лучко, Мендо Димовски, Илко Димитриевски Шарпланинец и многу други. Свое учество со кое го збогатија настанот имаше и нашата позната оперска певица Серафина Фантаузо и шаховскиот велемајстор познат во светски рамки Димитар Илиевски кој одигра неколку партии шах со присутните.

Валентина Ѓоргиевска Паргo

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.