Поставка на нумизматика во Археолошкиот музеј на Македонија

археологија

Античката нумизматичка збирка во НУ Археолошки музеј на Македонија содржи монети кои датираат од почетокот на монетоковењето на нашитe простори – од крајот на VI век п.н.е. до периодот на доцната антика. Монетите се ковани од злато, сребро и бронза во различните монетарници и во повеќе деноминации.

Најстарите примероци на монети припаѓаат на пајонските племенски заедници и нивните владетели (Дерони, Ликеј, Патрај, Авдолеонт, Леонт, Дропион, Пелагија, Дамастион), потоа монетите на античките македонски владетели почнувајќи од Александар I “Филхелен” (498-454 год. п.н.е.) до последниот македонски крал Персеј (179-168 год. п.н.е.), како и монети ковани од македонските градови (Амфипол, Тесалоника, Пела и др.).

археологија

Голем број примероци на монети се од периодот на римската република, империјалниот период и времето на римската доминација во Македонија. Тука припаѓаат монетите ковани во римската провинција Македонија, кои биле ковани со дозвола на римските власти и квестори, автономните изданија на македонските области (мериди) и изданијата на македонските градови.

Античката збирка вклучува и одреден број остави откриени на територијата на Република Македонија, кои припаѓаат на македонските кралеви, потоа одреден број остави од сребро и бронза од предримскиот, римскиот и доцноримскиот период.

Во империјалниот период провинцијата Македонија, како составен дел од Римската Империја, била интегрален дел на римскиот монетарен систем. Во провинцијата Македонија биле ковани бронзени монети, кои биле за локална употреба (муниципијот Стоби, колониите Пела, Дион и Филипи, како и градовите Амфипол, Верија, Едеса, Тесалоника и Хераклеја Синтика). Од посебно значење се монетите ковани во монетарницата во Стоби, која е единствена и најзначајна монетарница од римскот период на територијата на Република Македонија. Античката нумизматичка збирка содржи и голем број примероци ковани во бројни балкански монетарници на провинциите, како и монети ковани во подалечните краеви на големата Римска Империја, чиишто пари циркулирале на територијата на Македонија.

Потребите од повредни монети ковани од злато и сребро (авреи, денарии) биле задоволувани со монети исковани во официјалните монетарници во Рим, каде го опфаќаат периодот од првиот римски император Август, па сѐ до пропаѓањето на Римската Империја.

Монетите во постојаната поставка на НУ Археолошки музеј на Македонија се изложени хронолошки, почнувајќи од најстариот примерок – деронската монета на Пајонците од 500-480 год. п.н.е., па до V век, односно до императорот Зенон (474-491 год.)

Античката збирка содржи и монети пронајдени како остави. Во постојаната поставка се изложени повеќе антички остави со тетрадрахми на македонските владетели, остава на пајонскиот владетел Авдолеонт, остава на тетрадрахми од првата мерида ковани во Амфипол, остава со републикански денарии (II-I век п.н.е.), остава со антонинијани (III век), остава со фолеси (крај на III – почеток на IV век) и доцноантичка остава од IV-V век.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.