Локомотива, Скопје кани на третата Култренинг/ Работилница за кореографија и танц „Мое тело, мој дом“ заедно со Христина Ангеловска која ќе се реализира на
20 октомври 2022, 18:30-20:30 часот во просторот на Кино Фросина во Младинскиот културен центар.
Пријавете се на [email protected] најдоцна до 19.10.2022, бројот на учесници е ограничен.
На работилницата „Мое тело, мој дом“ со Христина Ангеловска ќе се работи на поттикнување на движења преку кои секој од присутните ќе може да се претстави онака како што се препознава, и сака да се осознае.
Принципот според кој се води работилницата е дека секој од нас може да креира движења, да дефинира однос доколку има слобода во истиот, секој може слободно да дише и движи додека има потреба од тоа. Секој може да започне и заврши кога сака, потребно е само да има доволно цврста причина за тоа.
Работилницата ќе се одвива во групна и динамична работа, која ќе ги следи потребите на учесниците. Ќе се работи по групи, каде ќе се групираат учесниците според нивното претходно искуство во движење и креирање, сметајќи дека ќе има почетници и професионалци на работилницата.
Работилницата ќе се одвива во неколку фази и тоа:
1) запознавање преку претставување на сфера на интерес, професија, хоби и одредени карактеристики
2) теориско објаснување за кореографија, движења, музика, простор (основни потребни секвенци )
3) загревање на екстремитети преку технички подготвени вежби
4) импровизација на дадена тема која ќе ги воведе учесниците во создавање на кореографијата
5) конкретизација и меморирање на движења
Во втората половина од часот ќе се задржи динамиката на развивање, но ќе се даде поголем фокус на формирање на целина на движења.
До ваквиот пристап Христина доаѓа по набљудување на колегите во една многу компетитивна работна атмосфера, каде заедницата тешко се остварува, односно, индивидуалните интересни состојби, желбата за превласт и моќ, ја надвладуваат заедницата и групата. Оваа работилница ќе овозможи спојување и раслојување на позициите на моќ и развој на способности на работа во група преку преговарање околу структура и движење.
Претходно искуство нема да биде потребно за учество на работилницата.
Христина Ангеловска има дипломирано балетска педагогија за современ танц. Нејзиното искуство со кореографија го стекнала на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Работела на презентација на програмата на катедрата за балетска педагогија – современ танц – Нови тенденции / Нови современи танцови дела и автори/ки при ФМУ, УКИМ, во чиј тим таа и членува. Самостојно изведува во кореографските дела “Somewhere, somehow, somebody” и „Три“ во 2019 година, како и „Равенка“ 2018 год. Како изведувачка и танцова уметница соработувала со Горан Начевски за премиерна изведба на операта „Помеѓу соништа и летови“ во 2019 и „Континуитет“, во кореографија на Марија Ристеска во 2018 година. 🔸
*****
Работилницата е дел од програмата „Култренинг” на Локомотива реализиранa во соработка со Младинскиот културен центар.
Плакат на Зорица Зафировска.
Тимот на Локомотива го сочинуваат програмскaта директор Биљана Тануровска- Ќулавковски, проектната менаџерка Благица Петрова, програмските координаторки Зорица Зафировска и Емилија Чочкова и администраторката Ѓурѓица Христовска.
Програмата Култренинг е креирана од Локомотива и поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија.