Какви новинари – такви медиуми и обратно
Пишува М-р Татјана Гогоска, дипломиран новинар, магистер по комуникациски науки
Каква е состојбата во медиумите во Македонија?
3.05.2018
Со ова прашање и добра намера сакав да напишам текст за состојбата на медиумите во Македонија! Мислев дека тргнав по добра патека и се обратив на неколкумина новинари, кои ги познавам или мислев дека ги познавам со години, но велат „Патот на добри намери некогаш е послан со трње“. Токму така се почуствував кога наместо одговори, добив игнорирање или негативен одговор дека не сакаат да кажат ништо за медиумите. Се најдов затечена, но брзо сфаив дека проблемот е во мене. Јас после долги години се вратив на мојата прва професионална љубов новинарството, во меѓувреме ниеден новинар не одбив за било кое прашање или став ако ми побарале, но не бев свесна дека во тоа меѓувреме снемало вистински новинари, со свој став, мислење (позитивно или негативно, но свое).
Ова го напишав минатата година и еве не овој 3.мај 2019-та , сакајќи да видам дали некои работи се смениле. За жал се е исто, освен промени во врвот на ЗНМ ,немили случки на напади на новинарски екипи и поединечни „револуционерни“ ставови кои очигледно се губат во воздухот на медиумската безнадежност. Оваа година не се осудив од никого да земам изјава или побарам мислење….научена е лекцијата! И затоа само еден мој приказ !
Состојбата во Медиумите во Македонија со години оди во надолна линија па така во овој период многумина искусни новинари останаа без работа, новите во борбата за егзистенција и работно место ги прифаќаат сите наметнати штетни услови, па така новинарството стана една од најниско платените професии. Опсесијата на менаџментите за намалување на трошоците и максимализација на продуктивноста доведе до мултитаскинг во континуиран 24 часовен стрес, продавање на текстови под секоја цена што доведува до зголемување на здравствени проблеми поради работните услови меѓу кои е и комплетна исцрпеност на новинарите.
Оваа состојба која е секојдневие за многу македонски новинари и медиумски работници се одразува не само врз квалитетот на нивната работа и мотивација, туку е видлива и во општеството кое се помалку им верува на сториите произведени под притисок и се помалку и верува на професијата која веќе стана синоним за слабо платена и лесно коруптивна.
Македонските новинари и медиумски работници се платени под државниот просек. Трендот на несигурна работа е во постојан пораст, не се инвестира во работната сила, а менаџерите воопшто и немаат проблем да говорат за медиумите само како за бизнис заборавајќи ја општествената улога и одговорност што ја имаат. Таквиот однос на сопствениците на медиумите произлегува од игнорирањето на проблемот на работните и професионални услови кои владеат во редакциите од страна на власта, поради што одговорноста ја лоцира во институциите на системот кои се должни да обезбедат атмосфера која ќе поттикнува социјален дијалог и решавање на прашањето за работните услови, кои веќе неколку години по ред се апострофирани во сите извештаи за слободата на медиумите во Македонија.
Степенот на слободата не се мери со бројот на медиумите, туку со уредувачката независност, кредибилитет и интегритет на новинарството кое во нив се практикува. А таа не е можна со слабо платени и исплашени новинари и медиумски работници. Обесхрабрени за борба за сопствените права, тие нема да нема да можат да бидат гласот на обесправените и чувар на демократијата, а токму во тоа се огледа степенот на слободата и демократскиот капацитет на едно општество.
Целосно пресликаната слика во медиумскиот простор во државата е оној кој го гледаме секојдневно на телевизиите, малкуте печатени медиуми, бројните интернет портали и социјални медиуми каде публиката, читатели и гледачи се бори со осознавање на вистината, затоа што во морето на информации има прмемногу лажни вести, вознемирувачи стории,редовно политички и партиски обоени.
И на крај од моето добронамерно почнување за свртување на внимание кон овој проблем велам: „Во Македонија има такви медиуми како што самите новинари заслужуваат-или можеби некој вели дека е обратно“ !
Нека е честит 3 мај- Меѓународниот ден за слобода на медиумите !