Интервју со Милица Паулус- Поезијата е излив на стихови, кои понекогаш се и гребаници на душата

Интервју со Милица Паулус, поетеса и писателка во нејзината безвременска „Поетска одаја “, земајќи „Парче од нејзината неизмерна љубов“, разговорот го водеше Татјана Гогоска.

Милица Паулус е писател, поет, колумнист,  литературен критичар, литературен агент, промотор, рецензент, организатор и спонзор  на литературни манифестации во Македонија Ја запознав он лајн а прв пат се сретнавме неодамна на одржувањето на нејзините две манифестации „Охридијада“ и „Охридски бисер“.  Оттаму мојата иницијатива за едно поголемо интервју низ кое и јас подобро ја запознав .

Дипломирала на меѓународниот универзитет во Германија – писател и литературно пишување. Пишува двојазично, на македонски и на германски јазик.

До сега има напишано, преку 30 книги проза и поезија- за возрасни, млади и деца и има учествувано во 25 антологии, а самата таа е уредник на 15 антологии.

 

„ Животот е поезија„ е насловот на една твоја книга од пред три години која е и наградувана. Еве да почнеме оттаму, дали за тебе животот навистина е поезија?

-Дефинитивно – животот е поезија.

Животот пишува стихови, а јас, само  го мрдам перото со мојата рака и ги запишувам на лист хартија. Се што се случува во нашиот живот и се што не опкружува е најголемата инспирација за поезијата. Дали тоа ќе биде среќа, радост, тага, разочарување, нашите желби и фантазии или пак природата, животните, сонцето и месечината. Сето тоа што ни се случува во секојдневието, сите чувства се таложат во душата, а кога таа ќе се преполни се отвара капакот и се излеваат стиховите – тие најсилните, најтоплите, најлошите и најубавите, према тоа, како што нашето срце рефлектира и нашата душа доживува. По некогаш, дури и гребаници од душата.

Поетот во своите стихови е најискрениот човек. Тој се отвара пред другите и без ниту малку размислување, ги покажува своите чувства и мисли пред сите оние кои имаат допир со неговата поезија. Според мене, филозофските мисли и изреки, кои често ги среќавам во поезијата, не изгубиле ништо таму. Поезијата треба да се разграни и да живее во читателот, да допира и да биде разбирлива.

Модерниот стих се пишува на повисоко ниво, модерно и багато со  разноврсни зборови, отворено, слободно и транспарентно, но сепак разбирливо и да си остане поезија. Затоа ќе повторам, животот е поезија, стихот е поетската творба, а не паметните и филозофски мисли и изреки.

Кога почна да пишуваш и што?

– Уште на предшколска возраст знаев песнички да рецитирам и јас самата си измислував и ги знаев на памет, ама, не знаев да ги напишам, сеуште не знаев да пишувам.

Првиот расказ го посветив на мојата мајка со наслов „Раката на мојата мајка“ – ми се чини, дека беше во второ одделение.

Моите писмени работи со составите се шетаа низ сите одделенија, ете така, како за пример. И мојата учителка, а подоцна и мојата наставничка по македонски јазик, почувствуваа кај мене, тенденција кон македонскиот јазик и литература и потенцијал за пишување. Така речено, ме нарекуваа надарена за раскажување и за пишување на поетски творби.

Поетската творба „Цветови“ од Славко Јаневски ја рецитирав уште во трето одделение во киното пред публика.

Дали се доживуваш  повеќе како поетеса или како писателка?

– Зависи од моментот према тоа, како сум јас расположена. Кога се случува нештото во мене и преовладуваат силни чувства, тогаш сум поет. Кога имам мир во душата и кога не се случуваат  нештата, ја сакам тишината во која пишувам проза и тогаш се чувствувам, како писател. Поезијата не се планира, таа истекува самата и без наша контрола. Тогаш се јавува само потреба да се искаже, тоа што го доживуваме. Додека за прозата планирам, што ќе пишувам и на која тема, а пишувам, кога ќе имам време и кога ќе успеам да одржувам рамнотежа во самиот живот со контрола над сопствениот мир.

Живееш во Германија ,често доаѓаш тука? Како тоа се одразува врз твоето творештво од аспект дали носталгија, чувства, радосни,тажни….

– Голема носталгија по моето родно огниште. Ете, тоа е и резултат на моето често  доаѓање во татковината. Далечината нема никаков негативен одраз на моето творештво. Напротив, тоа е толку интезивно, што си створив и една голема абстиненција за пишување и творење на германски јазик. Последните неколку години, творам исклучиво на македонски јазик.

Се радувам кога ќе тргнам за  Македонија имам фамилија таму, а тагувам, кога ќе тргнам за Германија. Ама некои работи не се менуваат повеќе, имам ќерка на која што секогаш ќе и требам и таа ме прави среќна, каде и да сум. Па изгледа, како и до сега, така ќе остане и од сега – целиот мој живот во движење. Творам на секаде, каде што имам можност. Према тоа, најмал е проблемот , каде ќе творам.

Скоро го направи твојот голем настан т.е. две Манифестации „Охридијада“ и “Охридски бисер на поезијата“, кои еве да објасниме зошто оваа година се пролонгираа и се одржаа во Скопје?

И двете манифестации, беа планирани да се одржуваат на лето во 2018  година во Охрид. Поради здраствени причини беа одложени и се одржаа во април 2019 година. Бидејќи временските услови не дозволија за Охрид – имаше студено и врнежливо време, ги одржав во Скопје знаеќи, дека  голем број на поети живеат во Скопје и околината.

Следниот пат ќе бидат повторно одржани во Охрид, како и првата поетска манифестација  „Охридски бисер на поезијата“  кој беше за прв пат одржана во 2016 година, се разбира и од мене спонзорирана.

Кое се твоите планови за манифастациите?

– Има 15  лично мои традиционални манифестации, кои ги одржувам секоја година и во различни градови во Македонија – веќе осум години по ред. Плус, пред тоа одржав неколку манифестации, кои  ги реализирав само по еднаш и неколку во соработка со други коорганизатори.

Можеби ќе изоставам неколку од моите традиционални литературни манифестации, за да си посветам малку повеќе време на мене и моето творење. Мислам, дека мојата мисија е многу успешна – да ги сплотам сите што пишуваат, да ги мотивирам и да се дружиме на различни литературни настани.

Сега се отвараат и литературни клубови, се прават манифестации и се познаваат сите. Мислам, дека можам да си дозволам еден мал одмор, а потоа со нова сила и нова идеја, да продолжам и понатаму.

Дали во моментов пишуваш нешто? Да очекуваме ли ново издание?

– Пишувам! Поточно кажано, одамна започнати и  недозавршени дела, поради преголема ангажираност, организаторски работи и се разбира од немање време. Како што веќе реков, со намера сум, да си дозволам малку повеќе да се посветам на творењето, а помалку на манифестациите.

Секако, дека ќе има нови дела и тоа набрзо.

 

Нејзини хобија : ликовна уметност, музика и дружби.

Приватно како би се опишала ?

– Ми се чини, дека ова е најтешкото прашање, хаха. Ќе се обидам да бидам скромна. Вака би рекла : позитивна –  добра мајка – голем другар – искрена – не само што умем да зборувам, туку  умеам и да слушам кога другите зборуваат – сакам дружење,  го почитувам само тој што е човек , независно кој е , што е и од каде е – знам да простам – умеам да се поставам во ситуација на другите- знам да држам тајни ако треба- мразам лицемерие, оговарање, лаги и манипулирања- побрзо можам да се справам со вистината, колку и да боли, него со лагата, која воопшто не боли.

На крајот, се заблагодарувам на порталот
www.kulart.mk на  поканата  и за прекрасното интервју .

И ние и се заблагодаруваме на Милица и следна средба ја очекуваме со нови предизвици и нови стихови и секако многу успех во се што прави.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.