Вечерва се отвора изложбата „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ на Симон Узуновски

Со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, вечерва ќе биде отворена ретроспективната изложба „Пат за Волкодери – Ретроспектива“ со дела од македонскиот уметник Симон Узуновски.

Тим од петмина историчари на уметноста: Марика Бочварова Плавевска, Зоран Петровски, Љиљана Неделковска, Валентино Димитровски и Лазо Плавевски, блиски пријатели на Узуновски и директни сведоци на неговото делување уште од 70те години ќе го претстават творештво на еден од пионерите на уметничките партиципативни инсталации во Македонија. Куратор соработник на изложбата е Благоја Варошанец, а во во подготовките свој придонес дадоа и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска.

Во поставката ќе бидат изложени повеќе од 100тина дела, кои вклучуваат објекти, фигурини, колажи, цртежи и асамблажи и апликации изведени со леплива лента или селотејп на стакло или хартија, материјал по кој е најчесто препознатливо делото на Симон Узуновски. Неповторливите, ефемерни инсталации, перформанси и акции со кои Узуновски инволвира широк круг пријатели, колеги, познаници и публика во создавањето или изведбата на повеќе негови дела ќе бидат претставени со обемна фото документација, која истовремено ќе го прикаже и времето на 70те години и ентузијазмот и енергијата со кои Узуновски успеваше заразно да ја шири идејата за демократизација на уметноста и нејзиното приближување со манифестациите на секојдневниот живот.

 

„Симе зрачеше со неверојатна животна енергија и ентузијазам, со еден вид афирмативна, привлечна сила, околу која гравитираше нашата генерација. Секогаш беше подготвен да иницира и анимира настани и случки, како во секојдневниот живот, така и во полето на уметноста. Симе во колективната професионална меморија на неговите сопатници и поддржувачи ќе остане како најзначајниот претставник на концептуалните искуства во 70те години кај нас. Со своите концептуални практики, Симе пополни една празнина во развојот на современата уметност, во време кога на уметничката сцена се уште беа присутни доцномодернистичките формални образци од претходната деценија. Во личната меморија на секој од нас што интензивно другаруваше со Симе ќе остане една синтагма што честопати ја користеше и ја потенцираше во бројните случувања: „Ајде да се организираме за да се развија“ “, велат Неделковска и Димитровски.

 

Ретроспективната изложба на Узуновски има за цел, не само историографски-ретроспективно да го презентира неговото творештво, туку и теоретски да ја осветли неговата исклучителна појава. Фокусот на изложбата е сепак насочен на најзначајниот за него период на седумдесеттите години на ХХ век, период, кога на локалната сцена, како дел од југословенскиот културен простор, продираат алтернативните уметнички практики. Симон Узуновски е клучната фигура на овие нови уметнички практики во нашата средина. Со своето уметничко дејствување, Узуновски отвори еден сосема инаков пристап кон сфаќањето на уметноста, со што беа доведени во прашање воспоставените конвенционални јазични и естетски нормативи на традиционалните ликовни дисциплини.

Изложбата во МСУ ќе биде отворена до 25 октомври 2022 година.

Поставката се реализира со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија и ЕВН – Македонија.

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.