Разговор со Жарко Кујунџиски, автор на романот „Сфинга на гневот“ – книга на месецот во нашата Библиотека.
„Разговор со…“ е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“ која има за цел да ги доближи делата на нашите современици до нашите читатели. Читањето на домашните автори значи поддршка за нивното творештво, за македонското издаваштво и за македонскиот јазик.
Жарко Кујунџиски е македонски романсиер, есеист, драмски автор, поет, преведувач и филмски критичар. Дипломирал во 2003 година, а подоцна и магистрирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013.
Добитник е на голем број книжевни награди, член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН-центар.
Романот „Сфинга на гневот“ е на границите меѓу мистеријата и книжевниот трилер. Досега има две изданија и е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“ за 2021 година.
Разговорот со Жарко Кујунџиски ќе го води Александра Јуруковска. Извадоци од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Влезот е слободен, а настанот е отворен за сите љубители на убавиот, пишан, македонски збор. Ве очекуваме!
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.