Неодамна се одржа 14 издание на „Бош фестивал“, во организација на ЗЛУКР „Арт еквилибриум“. Станува збор за локално сконцентирана, глобално ориентирана, посветена програма со изложби, инсталации, видео-проекции, филмови, промоција на роман, работилница за деца, Саем на независно издаваштво и концерти во двата фестивалски денови кои се случуваа во Народниот театар и во Уметничката Галерија АМАМ во Гевгелија, но и трети пат по ред промоција на мурал на Ракометното игралиште во Гевгелија.
На 26 август во Народен театар Гевгелија беа прикажани „Алгоритмеа: Евлогија за дигиталните богови“ – Стефан Марковски / промоција на поема, Експерименталната постмодерна поема во која авторот сиподигрува со границите на сето она што го чини креативниот процес, „стрелата на времето“ и еволутивниот творечки и технолошки развој, модалитетите на создавањето и пишувањето, дури и оние на авторството во еден роланбартовски хиперреален постмодернизам, каде што како автор на едно книжевно- уметничко дело може да се јави, макар и симболично или метафорички, „вештачко-интелигентен софтвер“. Илустрациите се дело на Вангел Срнаков.
-„Ликовни раскази“ – Митко Панов / проекција на кратки филмови и дискусија со авторот „Ликовни раскази“работилница со сликарот и режисер Митко Панов, кој себеси се гледа како „с-ликовен раскажувач“. Низ серија кратки филмови ја прикажува врската помеѓу сликата и раскажувањето, односно с-ликовното писмо во филмската раскажувачка традиција.
Митко Панов (1963 година во Скопје) – македонски филмски режисер. Дипломирал режија на Филмската школа во Лоѓ, Полска. Панов живее во САД и Македонија.
ИЗЛОЖБИ:
„Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“ и „Скица за комична опера“ – Владимир Лукаш Промоција на книга печатена во сито-печат, „Микромонографија на отпадниците од светот на анимираниот филм“, во соработка со Flipbook Film Festival и Партизанска штампа, која го обработува проблемот на малиот невидлив човек, кој е дел од големите предвидливи индустрии преку одредени фолклоризирани профили на луѓе што работат во анимираниот Б филм.
На изложбата беше претставена оригиналната верзија на книгата „Скица за комиична опера“ како колекција на ликови и портрети на луѓе застапени во класична венецијанска комична опера со сите нејзини интриги. Владимир Лукаш е мултимедијален уметник, кој живее и работи во Скопје. Активно музицира и пишува, односно досега објавил 8 авторски книги и реализирал концерти, самостојни и групни изложби во Скопје, Берлин, Њујорк, Истанбул, Лондон…
„Биоморфинзи “ – Атанас Ботев Изложба на серија цртежи што се надоврзуваат на сензибилитетот на делата настанати во периодот од 2009 – 2012 година. Цртежите се своевидни фигуративни апстракции во кои авторот истражува нови графички територии.
Атанас Ботев е мултимедијален уметник, кој работи во повеќе медиуми: сликарство, графика, цртеж, стрип, инсталација и перформанс. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, работи како раководител на Отвореното графичко студио при Музејот на Град Скопје.
Реализирал повеќе работилници, како и самостојни и групни изложби во Србија, Македонија, САД, Франција, Германија.
„Keep Going“ – Ице Капсаров / видеопроекции врз објекти Видеопроекции направени со намена да се проектираат на БОШ фестивал 14, врз објекти во градот. Авторот за своето дело ќе каже: „KEEP GOING“ или „Продолжи понатаму“
Видео-инсталација “Мрачна шума”
Во Народниот театар-Гевгелија Во рамките на работењето на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, се одржа еден интересен и несекојдневен настан за гевгелиската публика, беше прикажана видео-инсталација „Мрачна шума“ на Марија Стојанова, една од организаторите на „Бош фестивалот“.
Во освртот на историчарот на уметноста, Емил Алексиев, за оваа видео-инсталација стои дека целта на МРАЧНА ШУМА е евокација на една заборавена архетипска слика. Во мрачната
шума е скриена тајна. Потребен е вашиот поглед за да се случи чудо -мрачната шума е преплавена од светлина и сè одеднаш оживува. Стотици пеперутки излегуваат од темнината и го исполнуваат просторот. Оваа провала на волшебното во нашиот свет создаден од бетон, челик и стакло ги ослободува природните сили затрупани од багерите на нашата цивилизација.
Проектот е замислен како дијалог меѓу природата и културата (натуре – цултуре). Марија Стојанова преку јуктапозиција на две слики (една статична, друга подвижна; мрачна шума- пеперутки), поставува битни егзистенцијални прашања во врска со односот помеѓу луѓето и нивниот свет: Како културните влијанија,нашите сопствени истории, традиции, мемории, архетипски претстави, симболични слики од колективната свест и современата цивилизација ги обликуваат нашите животи? Кои се последиците од нашето отуѓување од природата? Дали природата и културата се, всушност, спротивставени? Можеме ли да размислиме за нашето постоење надвор од природата? Дали уметноста може да ја обнови магијата на природата?