Иако не сум во можност да бидам со вас тука како физичко битие, за среќа можам да ве поздравам во моментов како
зборовно битие. Многу сум горд што ја добив наградата која во минатото била доделувана на голем број сјајни поети со
најразлични мајчини јазици, порача во аудопораката годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава на денешната прес-конференција на „Струшките вечери на поезијата“.
Лауреатот Шунтаро Таникава, поради својата поодмината возраст (91 година) и поради здравствени ризици не присуствува на фестивалот.
– Се присетувам дека сите ние, макар со одредена неверица, сепак веруваме дека поезијата постои дури и во оваа нејасна и
несигурна епоха, исто како што постоела уште од античките времиња, и дека поезијата не произлегува од редот и поредокот, туку од вителот на нејаснотијата. Чувствувам блиско сродство и длабока почит за природата и историјата од кои оваа награда настанала. Не сум убеден дека зборовите што ги имам напишано навистина ја заслужуваат наградава, но не можам, а да небидам исполнет со радост, радост која на мојава 90-годишна возраст одекнува со спонтана „joie de vivre“ или радоста на животот од моите детски денови. Ве молам простете што ви се обраќам само како глас, и прифатете ја мојата благодарност од дното на срцево – порача Таникава. Своја благодарност за наградата изрази и синот на лауреатот, Кенсаку Таникава, а обраќање имаше и директорот на фестивалот.
– Чувствувам голема благодарност што по две години вонредни околности, кои го погодија целиот свет, па и „Струшките
вечери на поезијата“, оваа година имаме можност да го имаме со физичко присутство лауреатот од 2020 година, но и синот на Шунтаро Таникава. Се надевам дека годините со предизвици и глобални турбуленции се зад нас и дека ќе можеме да продложиме со вообичаените изданија на „Струшките вечери на поезијата“ – изјави директорот Тодорче Тасевски.
Израелскиот поет Амир Ор, пак, истакна дека се надева дека се гледа крајот на пандемијата, којашто го спречи да
присуствува на „Струшките вечери на поезија“ во 2020 година кога беше прогласен за лауреат.
– Дозволете ми најпрвин да изразам благодарност за честа што ја добивам оваа преподобна награда за поезија, „Златниот венец“. Се чувствувам привилегиран и многу почестен што станав член на избрана група лауреати – претходници. Традицијава започна овде, во земја што ја сака и цени поезијата, во родниот град на браќата Миладиновци и на фестивалот каде започна оваа реномирана агора на поезијата. Ова несомнено е традиција што ја става Македонија на почесно столче во
салата на културното значење и на Европа и на светот. Ништо слично не може да го надмине признанието кога во 2020 година бев прогласен за лауреат, признание дека моите дела се наградени преку ушите и срцата што ги заслужува поезијата. Згора на тоа, како Израелец, не можам да заборавам дека мојот народ, Евреите, дојдоа во земјава уште пред 1800 години и придонесоа за неа најдобро што можеа. Не можам да заборавам ниту дека нивната долга историја овде заврши во Втората
светска војна, кога во 1943 година речиси сите Евреи од Скопје и Битола, мажи, жени и деца, беа депортирани во Треблинка и убиени во гасните комори. Сакам да го прогласам токму овој момент, посветен на просветлената страна на човечкиот живот, за уште една станица во обновата на нашата меѓусебна поврзаност – рече израелскиот поет.
Свеченото отворање на 61. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со почеток во 20. 30 часот. Поради најавите за дожд
наместо на платото пред центарот за култура „Браќа Миладиновци“, свеченоста ќе се одржи на терасата во хотелот „Дрим“.
На „Струшките вечери на поезијата“ најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата.
Манифестацијата се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, со кое се потенцира исконската врска меѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската меѓу поезијата и музиката.
****
Синот на Таникава и поранешниот лауреат Амир Ор засадија дрва во „Паркот на поезијата“ Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“ неофицијално се означи почетокот на „Струшките вечери на поезијата“. Во паркот дрва засадија јапонскиот композитор и пијанист Кенсаку Таникава, син на годинешниот лауреат на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, како и специјалниот гостин, лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.
– На мојот татко многу му беше жал што не е присутен физички, но со срцето е овде – рече синот на лауреатот, Кенсаку
Таникава.
Поранешниот лауреат, пак, Амир Ор, изрази големо задоволство што на неговиот пријател Шунтаро Таникава годинава му е доделен „Златниот венец“, како и дека повторно ја посетува Струга.
– Дозволете ми да изразам искрена благодарност за честа да ја добијам оваа ценета награда.Се чувствувам привилегирано и голема чест ми е што станав член од избрана група лауреати. Бев многу задоволен кога
слушнав дека и на мојот пријател Шунтаро Таникава ќе му биде доделен венецот. Навистина вистинска радоста приказна вели дека многу одамна, кога класичниот кинески поет Баи Џу-Е го прашале како знае дека песната е добра, тој рекол: „Едноставно ќе слезам во продавницата за риби и песната ќе ѝ ја покажам на продавачката. Ако ѝ се допаѓа, ја објавувам“. Зошто го кажувам ова?! Затоа што Таникава е токму ваков вид уникатен поет, кој може со истата песна да ги допре срцето и умот и на софистицираниот познавач и на лаичкиот љубител на поезија. Честитки, драг Шунтаро – изјави поранешниот лауреат Амир Ор.
Во „Паркот на поезијата“ во Струга минатата година беа обновени педесетина спомен-плочи од сите досегашни лауреати на „Струшките вечери на поезијата“. На плочките се отпечатени имињата на лауреатите, заедно со земјата на нивното потекло и
се отпечатени кјуар-кодови кои при скенирање со мобилен телефон ги водат корисниците до специјално создадени линкови на веб-страницата на „Струшките вечери на поезијата“, на конкретниот лауреат каде што може да се погледне неговата биографија и неговата поезија.
Свеченото отворање на 61. издание на фестивалот ќе се случи вечерва, најавено е присуство на 24 поети од странство и 30-тина од државата.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.