Во Куршумли Ан се Отвори 13. „МакеДокс“

Ll

Младите генерации со огромен ентузијазам и жар во очите ја прифатија идејата за „Лупење идеи“, понесени од мотото на 13. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што синоќа беше отворен во исполнетиот простор на Куршумли-ан. Силно стегнатите главици кромид подигнати високо над главите се знак дека цврсто се решени да трагаат по нови светови и да откриваат нови слоеви.

Пред присутните во Куршумли-ан, на отворањето на фестивалот се обратија Сара Ферро и Павле Игновски од екипата на „МакеДокс“. Ферро потсети дека мотото доследно ќе ја води публиката низ целата фестивалска програма, додека Игновски истакна дека отворањето на фестивалот е со посвета на еден прерано починат соборец од екипата на фестивалот – Љубиша Ивановски – Лепи.

Филмската програма беше отворена со белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ на режисерката Хуанита Онзага, која по проекцијата се поклони пред публиката и даде дополнитени објаснувања за својата водена и надреална филмска авантура. Потсети и дека по вторпат нејзин филм се прикажува на „МакеДокс“.

Од главната програма беше прикажан документарниот филм „Сѐ што дише“ на режисерот Шаунак Сен, филм кој е индиско-британска копродукција. Вечерта беше затворена со концерт на групата „Баклава“, која изведе песни од својот репертоар, но и нови песни посветени на Скопје.

На втората фестивалска вечер, на 19 август, почнува програмата Земја во фокус, која оваа година носи осум нови документарни филмови од Чешка, а програмата ќе биде отворена во Куршумли-ан со филмот „Рене – затвореник на слободата“ на почесната гостинка Хелена Тшештикова, мајката на „тајм-лапс документарецот“, која ќе биде присутна на проекцијата. Следниот ден (20 август) Тшештикова ќе одржи и мастерклас во „Europe House Скопје“ за тоа како ги развива своите идеи и како ги доведува до целосно филмско дело.

На 19 август се става во функција и втората сцена на платото пред Музеј на РСМ, што значи дека во текот на вечерта ќе се одржат проекции на четири краткометражни и четири долгометражни филмови со паралелни термини во програмата.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден од 19 до 25 август, во 18 часот, во Куршумли-ан. На 21 август, во 12 часот на пладне, ќе биде отворена фото-изложбата „Спојка“ на Доријан Миловановиќ. За време на фестивалот ќе се одржи вториот дел од едногодишната работилница „Докуникулци“, на која учествуваат 10 млади од целата држава, како и неколку концерти и диџеј-сетови.

Тринаесеттото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Програмата МЕДИА на „Креативна Европа“, Националната фондација за демократија од Вашингтон, Институтот „Јунус Емре“ – Скопје, Чешката Амбасада во Скопје, Чешкиот културен цeнтар во Софија, Сивус Скопје – Групација „Арикома“, Грчкиот културен центар, МЕДИА деск МК, Музеј на РСМ, Археолошки музеј, Музеј на современата уметност, такси „Глобал“.

Билети можат да се набават онлајн преку продажната мрежа на мк.тикетс (www.mktickets.mk). Целовечерен билет за проекциите во Куршумли-ан чини 200 денари, а билет за втората проекција во Куршумли-ан чини 150 денари. Единечен билет за проекциите на платото на Музеј на РСМ може да се набави по цена од 100 денари. Билетите за церемонијата на отворање на 18 август и церемонијата на доделување награди на 24 август се со цена од 300 денари. Единечен билет за проекциите во МКЦ е 50 денари, а за деца под 10 години билетите се бесплатни.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.