СПОМЕНИ : “Три пати на ден”, некогаш беше ураган на македонската сцена

Македонската рок сцена пред две три децении, можеше речиси сосема рамноправно да се изедначи со светската, во однос на композициите кои се правеа и во однос на рок каузата која рокерите ја бранеа на свој начин. Нивните песни, нивните остварувања, концерти, свирки, своевремено внесоа многу динамика и живост на домашната сцена а воедно и донесоа многу антологиски теми кои остануваат запаметени и се пренесуваат на новите генерации.
Една од нив е и штипската група “Три пати на ден”, група која беше одбележје на еден убав период за музиката и остави големи траги.
Рок пејачот Емил Канаваро, своевремено музички идол, деновиве на фејсбук се потсети дека во чест на групата “Три пати на ден” на 3 јули 2014 се одржал рок перфомансот во Домот на млади во Штип, и сподели и фотографии, преку кои се долови и амбиентот од концертот.
И напиша:
-Групата која како ураган се појави на македонската рок сцена во 1991 година и сосема го промени стилот на рок музиката во Македонија, свирејќи хард-рок со примеси на свит хеви-метал, зачинети со блуз и соул звукот, и нова ера на пишани урбани текстови. Овде мора да се споменат и прекрасните спотови на групата “Три пати на ден” од албумот “Гризни ме”, снимени од познатиот режисер Васил Ќортошев кои во деведесетите години безмалку се вртеа на МТВ секој божји ден а некогаш и деноноќно. Составена од искусни музичари кои занаетот го печеа на живи свирки и концерти, изведуваа песни кои зборуваа не само за љубовта, туку и за осаменоста и оттуѓеноста на младите луѓе… Слушајќи го албумот се добива впечаток дека нема ниту еден елемент на дигитална концепција, туку звучи како музичарите да свират во живо, фактички во студиото М2 во МТВ овие прекрасни музичари секоја песна од албумот ја снимаа свирејки ја во живо. Сето ова мајсторски го сними еден од најдобрите тон мајстори, волшебник на миксетата Братислав Зафировски. Да ги споменеме и членовите на групата: Емил Н. Канаваро вокал, Александар Михајловски – гитара, вокал, и тројцата членови кои за жал веке ги нема меѓу нас, тапанарот Дракче Симоновски– Фацата, Славе Андонов-бас гитара и Славе Стојанов – Фучко, гитара. Благодарност до Дом на млади за организирање на Рок перформансот во чест на групата ” Три пати на ден” и посебна благодарност до Божидар Симоновски – Бошко без чија помош албумот “Гризни ме” , немаше да се реализира, стои во објавата.
Групата е позната и по својот настап на еден поранешен Макфест, со евергринот “Тања”, кој останува и како еден голем хит од тоа време.

Но, доколку сакате уште, на јутјуб каналот има доста материјали, видео снимки, спотови, документарни филмови, од кои може да се дознае и слушне повеќе за “Три пати на ден”.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.