Вечерва директно од Ерусалим на Скопскиот Аеродром за прв пат без нечие посредство Благодетниот оган ќе го донесе Епископот стобиски Јаков, викарниот епископ од Струмичката епархија кој ќе го преземе оганот во Ерусалим и ќе го донесе како благослов за православниот народ и за православната црква во Република Македонија.
Инаку денешниот ден, Велика Сабота, според христијанското учење е ден на свештен трепет пред Христовото воскресение, кое точно на полноќ ќе го означат биењето на камбаните и радосниот восклик „Христос воскресе“. Toa e денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Православните верници ги прават последните подготовки пред вечерашното прославување на најголемиот христијански празник – Велигден.
Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.
Велика Сабота е ден на покојот, ден на покојникот, ден на најголемиот покој и на најголемиот покојник. Денот на големиот покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на нашата жалост, тага и молк.
Ова е денот на оплакувањето на покојникот. Тогаш, Мајка Му – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Господа Исуса Христа. Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето.