На 7 јули ќе започне 21. издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“, под мотото „Од високо подобро се гледа”.
По тој повод, вечерва, во Музејот на современа уметност се одржа прес-конференција на којашто организаторите информирааа дека овогодишното издание ќе содржи повеќе од 50 филмови, а „Синедејс“ ќе биде отворен со македонскиот филм „Мими“.
Филмот кој што е селектиран во СЕЕ програмата на „Синедејс“ раскажува за Мими која ги напушта своите родители, и болното минато од родното место, за да студира во Скопје. Ја запознава Сара – млада мајка со богат но насилен сопруг. Работејќи во киоскот на вујко ѝ, и како бебиситерка за Сара, Мими копнее по единственото што не може да го има – мајчинството.
Улогите ги толкуваат Наталија Теодосиева, Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов.
Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
Автор на сценариото е Даријан Пејовски, кинематограф е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимограф е Емилија И. Атанасовска, Ива Куробаса работи на шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски.
Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Максима филм од Хрватска и Гигглинг гоат продуцтион од Црна Гора, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.
Годинешниот филмски фестивал „Синедејс“ ќе се одржи на неколку локации низ Скопје- покривот на ГТЦ, во кино Парк МКЦ, кино Фросина, Летно кино на Кинотека и во кино „Милениум“. Нуди домашна кинематографија во различни селекции, како што се СЕЕ програмата, Гала програмата, МК Кратки. Организаторите најавија и богата ОФФ програма поврзана со македонската филмска индустрија.
За време на прес-конференцијата организаторите истакнаа дека и со драстично намалените средства очекуваат дека ќе направат добар фестивал и ќе ги задоволат вкусовите на љубителите на филмот.
На 14 јули, на последниот ден од „Синедејс“ ќе се одржи премиерата на „Нема да си сама“ во режија на Горан Столевски.
Целосната програма и билетите се достапни на веб-страната на „Синедејс“.
Македонскиот филм „Мими“ го отвора 21. „Синедејс“
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.