Денес (4 јули 2022), во просториите на ООУ „Александар Македонски“, Општина Аеродром беше реализирана обука за образование за климатски промени и Архуска Конвенција со цел промовирање на проектот „Со климатска акција до одржлив развој“, кој е финансиски поддржан од буџетот на Општина Аеродром. Целта на проектот е да се реализираат низа активности поврзани со климатските промени кои ќе имаат директно влијание на квалитетот на живот и ќе ја подобрат состојбата во животната средина преку едукација, обука, отворени часови и спроведување анкети кај целните групи на однапред подготвени теми, здружени акции, акции со голем визибилитет.
На почетокот од обуката, Александра Петровска, претседателка на здружението ЗЕОООП (Здружение за значење на еколошкото образование во осовременување на образовниот процес), им се обрати на присутните претставувајќи им ги планираните активности за целиот проект. Пред сѐ, таа срдечно ја изрази својата благодарност до Општина Аеродром која за првпат дава финансиска поддршка на здруженија и фондации од образовен и културен карактер. Исто така, ѝ се заблагодари и на Марија Калешов, директорка на ООУ „Александар Македонски“, за успешно воспоставената соработка.
На обуката беа присустни дел од наставниот кадар на ООУ „Александар Македонски“, како и претставници на надлежни институции од областа на животната средина, директори и наставници од сите основни училишта на територија на Општина Аеродром. Обучувач на настанот беше м-р Арсенија Дејаноска Сарагинова, магистер по менџмент на човечки ресусрси, адвокат, сертифициран обучувач за обуки, како и еден од основачите на здружението ЗЕОООП. Со свое стручно излагање на настанот се обратија д-р Драган Јованов, доктор на науки по фитомедицина и агрологија, млад научник, едукатор и голем хуманист, и Дарко Блинков, раководител на одделението за поддршка, аналитика и меѓународна соработка при Државниот инспекторат за животна средина.
На крајот на овој едукативен настан сите присутни имаа прилика да се вмрежат со цел за идни заеднички соработки. Присутните претставници добија благодарници за хуманоста и несебичната соработка со здружението ЗЕОООП за подигнување на јавната свест во областа на животната средина.