Мирот е најврвната општествена човекова вредност, која ѝм овозможува на луѓето да го живеат својот живот квалитетно, без стравови, агонии, неизвесности, ризици и во подолга старост. Иако тоа човекот го сфатил одамна, за жал самиот го попречува создавањето на мирна атмосфера, преку разни војни, конфликти, судири, недоразбирања, од најмал до најголем формат.
Потребата од мировно образование кај нас е неопходна, нешто што Првата детска амбасада МЕЃАШИ го отпочна пред 11 години, преку Програмата за мировно образование, организирајќи обуки, работилници, вебинари, мировни активности, во и надвор од училиштата, нешто што се покажа мошне плодотворно.
Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”, во рамките на својата мисија
полека но сигурно, чекор по чекор, ја спроведува оваа своја програма, заедно со наставнички/ наставници, институциите и таканатаму, преку образовниот процес да делуваат кај младите генерации, за мирот да стане нивна аксиома.
Во тој контекст пред неколку дена беше одржана и Втората мировна средба (27 -29 јуни 2022), а на истата присуствуваа 60 наставници и наставнички од средни училишта од Дебар, Виница, Гостивар, Македонски Брод, Велес и Скопје, како и претставници од Министерството
за образование и наука.
На самата средба, професорот Џевит Мифтароски од гимназијата во Дебар го истакна нивното значење.
-За МЕЃАШИ јас дознав како дете, а кога се вработив имав привилегија на ваков начин да станам дел од нив. На почетокот, во 2012 година, не знаев што ќе биде, но нивниот интересен пристап ме привлече за нешто што е ново како правец. Првата средба беше во Кичево, меѓутоа темите кои се обработуваа беа навистина примамливи и сето тоа ми даде самодоверба да влезам таму. На поимот ,,мировно образование”
поинаку гледам денес за разлика од тогаш. Дури и денес, на сопругата, која исто е професорка, кога ќе ѝ споменам мировно образование, таа помислува дека е тоа нешто поврзано со војна. Но, мировното образование е многу повеќе од тоа. Ако тргнеме од тоа какви сѐ теми сме слушале и обработувале овде, а потоа и успешно сме ги пренесувале на учениците, сфаќаме дека тоа ѝм треба повеќе на возрасните особено во нашата држава. Мировно образование, би било долга дефиниција. Јас лично го сфаќам како превенирање за проблемите кои ги имаме и за проблемите кои не би сакале да нѝ се случат понатаму.
Професорот додава дека кога би постоело ова Мировно образование во 2001 година, многу полесно би поминала нашата држава, и особено во делот со конфликтите меѓу учениците.
– Јас работам во средно училиште каде заедно учат Македонци, Албанци, Роми, Турции на албански и на македонски јазик. Бидејќи предавам македонски јазик и литература, на часовите по книжевност преку обработка на некое дело се обидувам да го нафрлам проблемот. Еве да земеме, македонска литература меѓу двете светски војни, битови и социјални проблеми, тие социјални проблеми јас ги нафрлам за тие, децата, меѓу себе да почнат да зборуваат, “зошто ова вака, дали можеше поинаку да се реши, зошто овој човек вака реагира, зошто ќерката не ја дава заради тоа што е сиромав?” и
таканатаму. Применувам техники што ги омекнуваат учениците, се обидуваат да влезат во туѓа кожа, за да можат да размислуваат и да го сфатат и другиот…
Професорката Ирена Фејско, од истото училиште смета дека децата се како сликички од еден мозаик, кој треба соодветно да се состави, за сѐ да биде во ред, а тоа од нас зависи.
****
На оваа неодамнешна Мировна средба, која всушност е надоврзување на темите кои се обработуват во континуитет во рамките на Програмата за мировно образование, се зборуваше на повеќе прашања кои нѐ засегаат како општество. Во широката палета на теми, овој пат акцент беше ставен на: ,,Мировното образование и родовата правдa”, ,,Мировната иднина”, ,,Антициганизмот како бариера за вклучување на децата Роми во образованието”, ,,Грижата за себе”, ,,Форум театар”, а креативноста и новите иницијативи беа одлика и на разговорите кои се водеа со претставниците од МОН, и со
Заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу.
За време на своето еднодневно присуство, заменик министерот оствари повеќе средби, и групни и
поединечни, со професорите, и посочи дека воспитанието и образованието се важни предуслови за градење здрави личности, кои решението на проблемите го наоѓаат по мирен пат, нагласувајќи ја токму нивната улога, покрај семејствата, во трасирањето и издигнувањето на учениците, кои во иднина секој конфликт треба да го решат со вербална, а не со физичка комуникација. Но, и дека за секој проблем, има и решение, ако истото го бараме по мирен пат.
– Да се превенира, да се преземе акција уште на самиот почеток, пред да се соочиме со немили сцени во училиштата, нагласи во своето официјално обраќање.
***
Среќен е оној човек кој дел од себе си може да вгради во мирот. Треба да се почитува секоја таква дадена шанса и да се исползува најдоброто од себе и од другите. Иако навидум тоа е лесен поим, во голема мера оваа констатација е заблуда, затоа што воопшто не е лесен поим-од една страна а широчината што ја дава мирот е огромна, од друга, обврската тој да се зачува и надградува е уште поголема.
Работните групи на Мировната средба, во кои дискутираа професорите и разменуваа лични искуства, и примери, беа доста корисни во таа насока.
***
Енвер Ајдини, професор во средното економско ,,Арсениј Јовков” од Скопје, смета дека преку мировното образование придонесуваат за самиот систем на образование во Република
Македонија, и особено да се смират политичките страсти кај учениците, кои ги прифаќаат внатре во своите семејства или преку медиумите.
-Се грижиме за учениците, преку
мировно образование, се бориме против секакво насилство, во самиот процес и тоа е главниот мотив што сум дел од Мировното образование, а и понатаму ќе бидам. Имаме тим од шестмина наставници од нашето училиште и тим од дваесет ученици кои секогаш се со нас на нашите работилници, накусо нѐ запозна со нивната Мировна приказна.
Професорката Валентина Штерјовска од Гостивар вели дека таа лично како личност најмногу се изградила со “Меѓаши” и со Мировното образование.
-Нивната цел е да се вклучат во програмата мотивирани наставници. На почеток почнавме како млада група ентузијасти, имавме пред нас многу голем визија што сакаме да направиме, ама искрено кога ќе видам денес каде сме, не баш верував дека ова движење буквално ќе стане толку големо. Првите обуки беа со помал број наставници, и во поизолирани места каде буквално ќе се затворевме и работи, работи, сонувај сонувај, што и како ќе биде и така започна една приказна која со денес буквално е дел од мене во моето срце во мојата личност.
Валентина вели дека ова го смета за
најголема вредност во образовниот систем во однос на таа некоја воспитна компонента која недостасува, а треба некако да се воспитуваат децата но за тоа сепак наставникот треба да има насока, да биде обучен, за што најмногу придонесуваат овие професионални, специјализирани и ретки обуки на МЕЃАШИ. Како професор со мировно искуство, таа инсистира на повеќе начини на дејствување.
-Еден од начините кој е влезен во програма, е одбележување на некои важни датуми за нас како што е на пример Денот на мирот, Денот на социјалната правда, Антибулинг денот, кои ги одбележуваме на разни начини, со марш, со перформанси како што е танц театар или форум театар се прават со ученици. Тие начини на делување се многу моќни затоа што ги изведуваме пред широка публика масовно, пред општина, пред Влада на Република Македонија. Во една прилика преку перформанс имавме барање до гостиварскиот градоначалник
Арбен Таравари да постави мерни
инструменти за загаденост, после што и
постави, го слушна нашиот глас. И во
училиште тековно нѝ се појавуваат многу проблеми и ги решаваме на неосетен заобиколен начин, преку работилници делуваме да се подигне свеста, објаснува професорката.
Кога зборуваме за мир тоа е првенствено оној мир кој може да го постигне секој, да се чувствува добро во училиштето, да чувствува дека училиштето се грижи за него и што е најважно да се препознае проблемот, да се каже и да се решаваат, тоа се тие придобивки.
***
Овој пат, на Мировната средба во Берово проблемот со мобингот, партизираноста и партиските привилегии, социјалното исклучување, злоупотребата на службената
положба и насилството што се врши во училиштата, професорките и професорите го прикажаа преку Форум театарската претстава „ОБРАЗОВАНИЕТО Е (ПРИ)СИЛА –
ОБРАЗОВАНИЕТО Е (НЕ)МОЌ“, на сцена пред сите учесници и учеснички на
Мировната средба, но и пред градоначалникот на општина Берово како и други претставници од институции од Берово и Пехчево. Форум театарската претстава која ја изведоа професорите, беше проследена со голем интерес од страна на присутните при што од страна на градоначалникот беше побарано и повторување на истата на почеток на новата училишна година пред сите наставници на општина Берово.
Овие перформанси, особено Форум театарот – познат и како Театар на угнетените, е одлична креативна форма на партиципативен театар, за подигнување на свеста и создавање атмосфера на заедништво, кој создава можности за дискусија и интеракција со публиката но и активно учество во креирањето различни решенија. Сцената станува огледало во кое секој се пронаоѓа себе си и својата општествена улога.
И професорката по англиски јазик Марија Манасиева од средното училиште “Ванчо Прќе” во Виница, искуствено вели дека тие перформанси доста помагаат за заедништво.
-Како повратник од странство, каде живеев неколку години во Германија и Чешка, а и доста патував, мирот кој што го имам видено, но и конфликтите, кога ја видов оваа програма ме заинтересира да се вклучам. Значи и мирот и конфликите во опкружувањето беа мотивација да бидам дел од акцијата која што се презема.
Основите на мировното образование постојано се пренесуваат на помладите, во секоја минута од часот, во секоја секунда, сите тренинзи кои што ги имаме поминато ние, се рефлектираат. И во инстинктивни и во намерни ситуации, знаењето го интегрираме и во часовите и во активностите и перформансите кои што ги правиме. Децата секогаш се изненадени кога некои од активностите ги внесуваме во наставата, секогаш кај сите ученици гледам желба за напредок на свеста, во насока на мировното образование…
***
Многу позитивни работи се кажаа на оваа средба во мирната атмосфера на Аурора резорт, на која хармонијата на природата и животните наоколу како да опоменуваат дека и човекот е дел од таа хармонија и совршенство, и треба што повеќе да ги негува и сочувува.
Оваа тридневна средба, која е прва со директно присуство на поголем број наставници и наставнички по пандемијата, кога обуката течела преку вебинари, заврши успешно, со заеднички заклучоци, договори за понатамошни делување, организирање и иницирање активности и настани, со координација на владини претставници и претставници од релевантни институции за внесување на Мировноto образование во официјалното образование, а за крај беа доделени и сертификати од страна на МЕЃАШИ.
Валентина Ѓоргиевска Парго