Почетокот на јунската кинотечна програма се совпаѓа со почетокот на 12-от ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ, па од 1 до 9 јуни во Кинотека во тек се десетина наслови на врвни автори од рангот на Алехандро Аменабар (Alejandro Amenábar), Семих Капланоглу (Semih Kaplanoğlu), Алем Кан (Aleem Khan), Лех Мајевски (Leh Majewski)… но и старите мајстори на филмот како Ален Рене (Alain Resnais).
Од 10 до 15 јуни следува НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ, со наслови од поновата продукција на секогаш интересната јапонска кинематографија. Овој месец ги повторуваме и новите бисери на светската кинематографија, како ЗА БЕСКРАЈОТ (Om det oändliga / About Endlessness) на режисерот Рој Андерсон (Roy Andersson), потоа документарниот филм БЕРГМАН – ГОДИНА ВО ЖИВОТОТ (Bergman – Ett år, ett liv / Bergman: A year in a life) на Џејн Магнусон (Jane Magnusson), педантната истражувачка на животот и делото на светскиот филмски великан Ингмар Бергман.
ПРВИОТ СНЕГ (Ensilumi / Any Day Now) на режисерот Хами Рамезан (Hamy Ramezan) се занимава со темата на интеграцијата на бегалците од Блискиот Исток во земјите од северните европски предели, а МАЛЕЧКАТА МАМА (Petite maman / Little Mom) на авторката Селин Скјама (Céline Sciamma) го тематизира тинејџерското растење од женска перспектива.
Следува МРАЧНА БАЈКА (Favolacce / Bad Tales) на италијанскиот братски тандем Дамијано Диноченцо, Фабио Диноченцо (Damiano D’Innocenzo, Fabio D’Innocenzo), егзистенцијалистичка приказна наградена на Берлинале 2021 година и на низа други фестивали во светот; новата филмска сензација на полската кинематографија – приказната за инфлусер(к)ите на социјалните мрежи ПОТ (Sweat) на авторот со шведско потекло Магнус фон Хорн (Magnus fon Horn), образуван на прочуената филмска академија во Лоѓ.
И секогаш интригантната исландска кинематографија има нов адут на јунската кинотечна програма – ЈАГНЕ (Lamb) на младиот автор Валдимар Јохансон (Valdimar Jóhannsson), со актерската ѕвезда Нооми Рапас (Noomi Rapace), која претходно се прослави како Лизбет Саландер во шведската акциона трилогија МИЛЕНИУМ (Millennium).
Кинотечната програма ќе ја заокружиме со два култни класици од почетокот на веков – РЕКВИЕМ ЗА ЕДЕН СОН (Requiem for a Dream) на Дарен Аронофски (Darren Aronofsky) и МЕМЕНТО (Memento) на Кристофер Нолан од 2000-та година. И двете проекции ќе бидат на “старите и добри“ 35 мм ленти, најавуваат од Кинотека.