На Оффест 2022, Марија нѐ потсети на Есма Реџепова !

smart
Скопје, 5 јуни 2022
Четири музички денови го исполнија Скопје, преку фестивалот Оффест, кој годинава се одржуваше од први до четврти јуни во Националната опера и балет и во МКЦ.
Најверните посетители го проследија ова издание, кое понуди музика од разни краеви на светот,  годинава понуди и домашна музика во добра количина.
Така и впрочем почна, со концерт на домашниот млад состав “Перија”кој изведува на повеќе балкански јазици.
Фестивалот е добар и да послужи како мотив  да се изведат неколку заклучоци, дека “Перија” кои први почнаа веќе ја менуваат свеста и кај младите состави дека нивното постоење не е само музика, туку е и порака, и тоа на едно интернационално ниво. Млади, а веќе добро си ја знаат својата задача.
На нивниот концерт во поддршка дојдоа и неколку познати музичари, Силви и Влатко Плевнеш чија ќерка Деа Аделина е дел од составот, но ги видовме и златното грло Олгца Христова која и тоа како би било добро да подготви нешто и да запее на оваа сцена во иднина, Џон Илија Апелгрин, да ги сместиме тука и посетата на битолско-њујоршкиот концептуален уметник Крсто Роџевски и џезерот Сашо Поповски…
Младите доаѓаат, тоа е дефинитивно, но првата вечер покрај младост донесе и  “”искуството” како предзнак во музичката убавина чиј мирис продолжи да трае во ноќта – настапот на Добрила Грашеска и Доријан. Слушајќи ја неа, со неверојатниот мек и топол глас  ти доаѓа констатација дека друго и не треба да прави, освен само да снима албуми.
Втората вечер, африкански бразилската музика овој пат, на фестивалот му ја засилија волшебната музичка аура.
 Виртуозниот инструменталист Балаке Сицоко од Мали, како и рафинираниот пост-тропикализмичен и боса-нова звук на триото на бразилскиот кантавтор Лукас Сантана,  направија да се чувствуваме како музички граѓани на светот, патувајќи од еден до друг крај низ Топката.
Третата вечер програмата ја освежи проекција на документарниот филм “THE RUMBA KINGS” во кино Фросина, кој би било добро повторно да се прикаже, кој не го гледал да има втора шанса. Инаку, тоа е прогласен за најдобар филм за минатата година.
Концертен настап во МКЦ таа вечер остварија колумбиските тропски велемајстори Лос Пирањас, а на полноќ со ди-џеј сет се претстави Марио Галеано  попознат како Френте Кумберо.
Затворањето беше возбуда сама по себе. Младата италијанка Марија Мацота е чудо од интерпетаторка, засилена со Антонино де Лука на хармоника. Весела, ведра италијанка која не почести со говорен дел, но и со информацијата дека нејзина омилена интерптетаторка од нашата земја е Есма Реџепова, и салата ја преплави огромен аплауз, а по фантастичниот концерт во холот делеше автограми и се фотографираше со посетителите.
Ноќта, потоа беше препуштена на суптилната музика со Ненси Виеира и нејзините придружници.
Дека младоста е доволна сама по себе говори фактот што младите музичари “Сантрофи” и без издаден албум, со својата музика патуваат низ светските фестивали, а кај нас на самото затворање во МКЦ направија веселие за паметење, впрочем сите полноќни концерти ја нудат таа весела  доза, затоа и се одржуваат на таа денсинг сала, за танцување.
Директорот на фестивалот Оливер Белопета на сцена на самиот крај сподели дел од “жешките” спомени, порано во Универзална сака каде немаше добра вентилација… 
– Имајки ја традицијата Оффест да биде крај на мај или почеток на јуни памтиме само една година која била толку топла, како оваа. И тоа беше првата година на Оффест кога во Универзалната сала настапи Цезарија Евора, беше толку жешко неподносливо во салата, во потоколарната ложа тогаш седеше тогашниот премиер, но со шишиња со вода. Едноставно неиздржливо. Цезарија нема проблем, сепак беше од Кабо Верде каде што обично е многу жешко…, меѓудругото рече Белопета.
Условите во нашите сали се такви какви што се, но бидејќи не се променува на подобро можеби добра идеја би било Оффест догодина да се одржува на отворено, можеби на скопско Кале. И, би било апсолутно романтично и автентично…
Валентина Ѓоргиевска Парго 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.