Ги препознавате?! Првенците на современата македонска музичка сцена – џезерот Сашо Поповски и нашиот американец Крсто Роџевски, и двајцата од Битола.
Случајна, а мошне срдечна средба, на отворањето на годинешниот Оффест.
Секогаш насмеани со причина, овој пат за стартот на фестивалот пред црвениот килим, и средбите со драгите луѓе, но и по некоја обожавателка која дојде да се фотографира со нашите славни момци.
И, така на нога, падна мал муабет за новостите кои ги очекуваме, доктор Крсто, нашиот сензуален автор и изведувач ни дошепна дека за време на карантин од Њујорк отишол во Чикаго кај пријатели музичари и “скрчкал” нов албум, кој го очекуваме со раширени раце. Не знаеме дали инфото треба да остане во доверба, ако е така, еве во доверба Ви пренесуваме.
А професор Сашо од Музичката академија од Штип и директор на фестивалот “Џез фактори” – Битола е “стрела” последниве години, ако го следиш каде сѐ оди и свири, ќе ти се расипе и компасот. Најново, деновиве заминува во Шпанија, па повторно во Италија на концертна свирка (таму пред неколку години излезе и во најпрестижното џез списание “Музика џез”) … Веруваме ќе читаме повторно за неговите успеси, пријатни рецензии во европските музички списанија.
Хм!
Она што остана да лебди како прашање – дали ќе има соработка меѓу нив (пссст!), малку трпение и за тоа во некоја следна прилика!
Валентина Ѓоргиевска Парго