Андреа го фрли знамето на својата држава – намерно или не, промислено или не – оправдување нема – не се сврти ни да го подигне од земја

Евровизија 2022 – Tорино, претставник од МРТ- Македонија, Андреа со својата нумера на тандемот Масевски – “Circles”.

Таман мислев дека оваа Евровизија нема да има потреба ништо да напишам АМА… Овој пат повод е изненадувачкиот дрзок потег на пеачката Андреа при фото сесијата во Торинo кога го фрли македонското знаме. Евровизија со пробите започна, отварањето не е сеуште официјално прогласено а нашата претставничка со голем скандал.

И да биде поголем срамот, по завршената сесија во која очигледно знамето во рака и пречеше, не се ни сврте да го подигне од земја, туку еден од странските сниматели се стрча и го зеде, да не биде газено. Затоа што кога на јавен настап, сте претставник на државата, осудувачки е и непростливо да го фрлите знамето и да го оставите да биде газено.

И сега, повторно поделени мислења на јавноста. Од реални осуди до правдање.

Друго за што не сакав да пишувам е неспособноста на Тимот на МРТ, за што сум пишувала многу пати, пред се за да не бидам погрешно сфатена. Имав чест да бидам еднаш Шеф на Делегација за Евровизија 2007-ма и таа чест ја одработев најпрофесионално и многу успешно. Каролина со нумерата “Мојот свет“  влезе во финале, проектот го изработевме и покрај тешкотиите во реализацијата, се беше професионално и покрај големите ангажмани и жртви.

За Жал во меѓувреме безмалку секоја година од страна на Тимот  се повторува по некој непростлив пропуст. И затоа што знам, дека за било каква активност на пеачите до нив стојат Шефовите на делегации, требаше некој (Мери Попова) да изреагира кога Андреа го фрли македонското знаме. Сега секое објаснување е за џабе. Па дури и неискрената изјава на пеачката дека се извинува “ако некого навредила“.

И ветар во грб  се дава по заслуга. На Андреа од самиот старт и беа дадени над 4000 гласови, сомнително, со фарса на меѓународна комисија; и се даде ветар во грб и покрај нејзините ограничени пеачки а посебно изведувачки способности а да не зборувам за нејзиниот очаен стајлинг; и се даде ветар во грб со можноста да ја претставува државата на Евровизија; и за што треба уште ветар во грб да и се дава? Напротив и треба сериозна опомена, која треба да и служи во животот, за да научи дека не може се така лесно да се добие во животот.

Сега на потег  е МРТ кој го осуди дрското однесување на нашата евровизиска претставничка во кои стои дека: „Јавниот сервис на ниту еден начин не стои зад ваквото скандалозно однесување на нашата евровизиска претставничка, која со тој гест покажа непочитување кон националното обележје, што е казниво со закон. МРТ очекува од Андреа да им се извини на граѓаните за ваквото однесување. Јавниот сервис ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по МРТ“, се наведува во реакцијата и се додава  дека против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал.

И за крај така како што почнав: Андреа го фрли знамето на својата држава- намерно или не, промислено или не -оправдување нема, затоа што не се сврти ни да го подигне од земја .

М-р Татјана Гогоска

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.