Горан Стефановски -„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана“

Општина Центар одбележа 70 години од раѓањето на македонскиот литературен деец и еден од најпознатите дебармаалци, Горан Стефановски. Тој е роден е на 27-ми април, во Битола во 1952 година, каде неговите татко и мајка, режисер и глумица, работеле во тој период. Најголемиот дел од детството го поминува во театрите, додека неговиот помлад брат, Влатко, се пренасочува кон музиката.

„Семејството Стефановски води потекло токму од Дебар Маало, со кое и самиот тој беше емотивно поврзан и каде после сите претстави, патувања и гостувања, секогаш се враќаше. Дебар Маало е и нераскинлив дел од неговото литературно творештво. За значењето на Горан не треба да се трошат дополнителни зборови. ‘Диво месо’, ‘Дупло дно’, ‘Лет во место’, ‘Тетовирани души’, ‘Демонот од Дебар Маало’, се само дел од капиталните дела, не само на Стефановски, туку и на цела современа македонска драматургија“. Добитник е на многу домашни и меѓународни награди за неговите творештво и достигнувања, меѓу кои и државната награда за животно дело во областа на науката, културата и уметноста – „11 Октомври“.

Мурал изработен од уметникот Блаже Атанасков

Горан Стефановски до ден денес е присутен во нашето културолошко секојдневие – книгите и расказите ги читаме и сега, а неговите драми сѐ уште се играат и во домашните, но и во театрите ширум Европа. Во рамки на одбележувањето на 70-тиот роденден на Стефановски во Општина Центар, на дел од фасадата на ООУ „Коле Неделковски“ се изработи мурал со ликот на Стефановски и во паркчето спроти општинските бараки се одржа краток пригоден театарски перформанс.

Одбележувањето на роденденот се затвори во малиот парк спроти општинските бараки, каде група автори: Васил Христов, Викторија Рангелова – Петровска, Русе Арсов, Ивана Павлаковиќ, Никола Настоски и Исмет Шабанович, го изведоа театарскиот перформанс со делови од драмите на Стефановски, наречен „Маалски драмски разговори“.

Во овој парк, пред 3 години Општина Центар, заедно со семејството на Стефановски и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, засади чинар и подоцна го постави спомен обележјето со клупата на Горан. Од тогаш наваму, секоја година општината симболично го одбележува 27 април, роденденот на еден од најпознатите центарци, Горан Стефановски.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.