Вечерва во Муеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Икони од Музејот на Град Скопје„. Автор на изложбата и каталогот е Викторија Грозданова Коцевски, кустос советник, историчар на уметноста. Изложбениот концепт опфаќа презентација на педесетина икони кои припаѓаат на фондот на Музејот на Град Скопје, а датираат од 19 и почеток на 20 век.
Збирката „Икони од Музеј на Град Скопје“ се формирала во изминатите пет децении. Иако овој фундус на икони е мал по обем, сепак по својата впечатлива и вредна содржина во голема мера го отсликува развојот и еволуцијата на стилските особености на црковната уметност низ 19-от век во Скопје и Скопско, но и пошироко на територијата на нашата држава.
Автори на делата се најталентираните зографи на македонската преродбенска уметност како Дичо Зограф, но секако и неговите следбеници Петре Пачаров Дебранец, Благој (Блаже) Дамјанов, Дамјан Зограф од Крушево, Димитар Андонов Папрадишки и др.
Од Музејот на Град Скопје посочуваат дека овој концепт претставува прво прикажување на збирката како единствена целина, при што на пошироката јавност ќе и се овозможи поаналитичко запознавање со иконографскиот и стилско – ликовниот развој на зографската „ренесансна уметност“ низ бурните текови на 19 век на нашата територија.
Отварањето е од 20 часот а за значењето на презентираните дела ќе говорат Фросина Зафировска, в. д. директор на Музејот и проф. д-р Сашо Цветковски