Ова е приказна со почеток но без крај, приказна која започнала точно пред 1000 лета Господови во 1020-тата година, кога почнало да живее световното место посветено на свeтиот Јован Крстител. Се вели дека за време на својот живот на земјата, св Јован Крстител не направил ниедно чудо освен ОНА НАЈГОЛЕМОТО, кога со десната рака на главата го покрстил во водите на Јордан единствениот, севишниот Исус Христос- Син Божји.
Така отприлика почнува филмот, кој има многу симболичен и силен наслов „1000 години – Сведок на светлината “ а кој во првите 15-тина минути не ви дава ниту здив да земете, како би успеале сето она што содржината нанижана како “ниска од свети камења“, прикажана низ фотографијата, музиката, актерската интерпретација и режијата а маестрално скоцкана во монтажата, да го забележите внимавајќи да не испуштите некој дел.
Сакав да напишам за моето доживување на овој документарно-игран филм, кој поради многу нешта блиско го почуствував и затоа си направив редослед на нештата за да можам секому да обрнам достојно внимание.
Да почнам од документаристичкиот дел на филмот, кој воглавно е надополна на она што сценаристот и режисер Илија Ико Каров го ставил како рамка, содржина и начин на приказ. Во нив има разни приказни и прикази. Едни смирени од монашкиот ред на овој манастир кој во последниве 30-тина години успеа да го создаде со својата цврста воља и јасна визија на Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, другите емотивни дури ранливи кажувања од луѓето кои својата смисла на живеење, својот душевен мир, својот лек го нашле токму во овој Господов Христијански Храм а третата ниска е архивираниот приказ од минатите времиња.
Филмот покрај историскиот, го дава животот во Манастирот со сите негови сегменти во едно годишно битисување. Од Божиќното славење на Христовото раѓање, кругот се врти низ сите поголеми Христијански празници и сето она што го прави животот во Манастирот достоен за восхит.
“1000 години славно Бигорско светилиште, милосрдие, светост, страдание, љубов и воскресение. 1000 лета сведок на светлината со непрекината молитва токму тој Бигорскиот манастир св Јован Крстител“ -вели во еден од своите прикази ЧОВЕКОТ кој го претставува него самиот со одличната интерпетација на актерот Благој Веселинов. Испреплетеноста на дуплата а на места тројната документаристика, дава целосен увид на овој духовен храм. Архивските снимки на стариот изглед на Манастирот, со оние документи и сведоштва од Света Гора, документарниот приказ го прави трослоен и затоа можеби толку силно се впива во секој гледач на кого и Манастирот и Светот Јован Крстител му се духовен напој. И кога сликата го презема главниот нем говор одлично вклопена е музиката на Горан Трајковски чиј избор е восхитувачки .
Целиот тој документарно-игран мозаик да се пренесе преку филмската камера не е едноставна задача. За да се создаде тоа што го има филмот 1000 години сведок на светлината треба многу професионален ангажман но и многу љубов. Да, љубов токму онаква каква што ја заслужува ова христијанско светилиште. Директорот на фотографија Илија Жоговски ја внел целосната своја професионалност, смиреност и духовен порив низ објективот кој на филмот му дава сцени и сцени кои восхитуваат.
И целиот тој матерјал со монтажата на Бранко Блажевски за која умешност и креативност јас немам што да кажам освен, маестрално скоцкано и предадено во функција на филмот и публиката.
Смирено и достојно како што е впрочем целиот негов лик се кажувањата на Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, Старецот, нарекуваниот Татко, духовен светилник на ова место веќе 37 години. Од самото негово доаѓање во Манастирот 1995-тата година, тој во филмот ја открива главната негова цел и мисија а тоа е возобновување на Монашкиот ред и создавање на цврсто свето Братство, на кое основна задача ќе биде Духовно воскликнување на народот, дарување помош и љубов на сите оние на кои им е потребна. Недвојбената тивка и смирена негова нарација како и на “избраните“ монаси и монахињи, на филмот му даваат една нова документаристичка димензија, реална на моменти недопрена но многу присутна во секојдневието. Затоа како што рекол св. Антониј Велики “Последните монаси ќе бидат исто толку важни како и првите, за православието за Христијанството“.
За да се создаде едно вакво уметничко дело во овој случај филмско, документарно-играниот филм „1000 години- Сведок на светлината “ потребен е еден наголем “виновник“ за да почне се да се движи, да се тркала, да се создаде и да се претстави на светот, на јавноста но најважно на историјата и на поколенијата. Илија Ико Каров, сценарист и режисер на филмот целиот свој мотив и порив како и саможртвуваност во создавањето на ова дело го кажува на самиот почеток на филмот и вели:
“На секои илјада години во Бигорскиот манастир процвета по еден редок цвет, кој сведочи за друга убавина – не за овој свет. Ова е токму таа убавина, тој елемент, петтиот, што е самата суштина и значење на добро познатите четири елементи. Тоа е истото што многу просветени и мудри филозофи го ставија во центарот, како суштинско значење на просветлувањето, потврдувајќи дека „Убавината ќе го спаси светот“. Всушност, филмот „Илјадагодишен сведок на светлината“ е букет од секогаш свежо цвеќе од илјадагодишната градина на Свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир. Овој филм е за таа конкретна „Убавица“, која веќе еднаш го спаси светот…
Она што мене ме одушевува е јасно пренесената приказна која е прецизна и чиста и надополнета со исто таков режисерски приод.
И така филмската приказна се создаде и ќе постои благодарение на љубовта на сите вклучени во неговото создавање.
Татјана Гогоска
КАТ ПРОДУКЦИЈА, стои зад официјалната продукција на филмот.
Целиот филм може да го погледнете на следниот линк и да ја прочитате целата екипа заслужна за ова филмско дело: