На работниот состанокот на кој имаше дваесетина учесници од повеќе медиуми преку дебата се поставија контурите на стратешкиот план во кој јасно се прифатени приоритетите и целите на оваа секција за периодот кој следи.
На настанот поздравни обраќања имаа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Сашка Цветковска, координатор на иницијатива за формирање на Секција на млади новинари при ЗНМ.
Како еден од заклучоците е дека членовите на секцијата ќе се залагаат за подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари во редакциите но исто времено ќе се работи и на надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската фела како и вмрежувањето меѓу редакциите.
Преку активностите утврдени во нацрт стратешкиот план на секцијата предвидено е членовите да го афирмираат новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има се помалку интерес за истата и многу редакции се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари. Еден од заклучоците од состанокот беше дека со активно работењето на оваа секција ќе се придонесе кон градење на поголема солидарност во новинарската професија и на дополнително надградување на знаењата како професионалци во секторот. Покрај популаризацијата, секцијата во иднина, преку градење на капацитетите ќе им овозможи на младите новинари да добијат не само можност да слушнат искуства од други медиуми и историски преглед како се менувале работите, но и околу професионалните стандарди и црвените линии во професијата.
Меѓу другото на средбата беше презентирано и за зголемениот број на напади на новинарки и медиумски работнички и закани кои тие ги добивале особено онлајн за што ЗНМ презеде низа активности и ги алармираше регионалните институции. Ваквите информации и состојби ќе послужат во иднина за изготвување на Протокол за безбедност на новинарките кој ќе биде изготвен во соработка помеѓу ЗНМ и Министерството за внатрешни работи (МВР) во текот на 2022 година.
Средбата се одржа на 13.04.2022 година во просториите на КОТУР кафе во Скопје. Секцијата на млади новинари останува отворен форум кон кој може да се приклучи секој млад професионалец од сите медиуми од Скопје и од другите градови од Македонија.