ИНТЕРВЈУ СО ПОВОД – 1000 ГОДИНИ СВЕДОК НА СВЕТЛИНАТА – Документарен филм за Бигорскиот Манстир Св. Јован Крстител – со режисерот и сценаристот Илија Ико Каров. Тој на веб сајтот од филмот обраќајќи се на публиката и јавноста вели:
„На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, кој сведочи за една друга убавина – не од овој свет. Тоа е токму онаа убавина, оној елемент, петtиот, кој е самата смисла на веќе добро познатите четири елементи. Тоа е токму тој елемент кој многумина мудри и просветлени философи го положиле во центарот, како есенцијална смисла на просветлувањето, оттаму и дека „Убавината ќе го спаси светот“.
Овој филм е токму за таа „Убавина“, што веќе еднаш го спаси светот…
Всушност „1000 години Сведок на Светлината“ е букет од секогаш присно свежите цветови од илјадалетната градина на Светиот Јован Крстител во Бигорскиот манастир. Помеѓу дисторзијата од многубројните идеологии кои обилно извираат од сите страни во нашето секојдневие, да му пристапиш како автор на овој филм, подразбираше да застанеш во првите редови на бунтот… Тоа е оној бунт за кој објаснува Валтерот во филмот. Вистинскиот, последниот бунт!
КУЛАРТ– Деновиве се подготвувате, а публиката нестрпливо ја очекува премиерата на филмот „1000 години – Сведок на светлината“ ,документарно сведоштво на 10 вековното опстојување на храмот на православието – манастирот Св. Јован Бигорски. Какво е чуството на готов производ после пет години работа?
И.И.КАРОВ– Секогаш е добро чувството кога ќе завршите нешто што толку многу ви значи и притоа сте посветиле речиси пет години од својот живот на процесот.
Нашата социологија е “фасцинантно” забрзана во последното десетолетие, филмската уметност не остана имуна на овој тренд. Современите генерации се сведоци на една култура која е продукт токму на тоа “неопходно темпо” што ни го диктира нашето секојдневие. Документарниот филм “1000 години сведок на светлината” е филм кој, иако говори на современиот визуелен јазик, истовремено се темели на еден поархаичен филмски пристап, заборавен. Тешко изводлив дури и во времето на Тарковски, а камоли пак, во третата декада на 21-от век – во времето на капитализмот. И покрај долгите застои заради Короната, ние сепак, не отстапивме да го работиме, се’ додека не бевме сигурни дека сме го дале најдоброто од себе.
КУЛАРТ– Ајде да споменеме како почна се? Идејата, првите скици, почетното снимање?
И.И.КАРОВ – Кога почнавме да ги правиме првите снимки со кинематограферот Илија Жоговски и камера операторот Никола Грнчаров, верувале или не, се’ уште не ни беше готово сценариото. Се разбира говорам за првите документарни снимки од празниците, всушност, откако се договоривме со Бигорци дека ние ќе го работиме филмот. Службите кои требаше да се опфатат се случуваат во определен ден од годината и тоа е така уште од почетокот на времето. На пример Велигден не можеш да го изрежираш, треба да си таму, присутен во таа ноќ, и што понезабележително да ја снимиш, да украдеш парчиња од таа неопислива среќа што зрачи од присутните таму. И супер што беше така, првите “суви снимања” лично мене многу ми помогнаа да се ориентирам во филмот како режисер, подобро да ја почувствувам темата и праксата околу истата. Ете така се снимија првите кадри.
КУЛАРТ– Имате ли некои интересни моменти од снимањето и постпродукцијата за да ги споделите со нашите читатели?
И.И.КАРОВ– Секое снимање е интересно самото по себе, во принцип кога човек е во манастир треба да се труди да биде што потивок. На тоа јасно потсетуваат неколку таблички закачени на ѕидовите низ ходниците на конаците. Во тој контекст и ние се трудевме да бидеме тивки и ефективни. Сепак, една случка нема да ја заборавам: вечерта во очи Водици 2018-та година, падна многу убав снег. Му велам на Грнчарот: “Ајде да правиме еден тајм лапс”. Тој ми вика: “Имам една идеја, позади Долни палат, кон планината која се издигнува од потпорниот ѕид, има прекрасен кадар и кулата се гледа”. Се пробивме низ снегот до коленици – навистина кадарот убав, почна апаратот да штрака, не смее да се мрда 45 минути. Мраз ладно, ама убаво, планина, тивко, а јас завиен во искушение да запалам цигара. “Крк” нешто крцна позади во темното, во непосредна близина. Се вртам и Грнчарот се врти. Темно, мечка – замрзнавме од страв. Сигурно и мечката се исплаши, ама ние повеќе (хахаха). Сепак не го прекинавме тајм-лапсот и кадарот штого добивме е прекрасен.
КУЛАРТ– Прочитав дека во филмот на гледачите ќе им биде најлесно затоа што сте изградиле лесен начин на доверба а филмот предизвикува како што пишува во една од рецензиите „ чувство на едноставност, предизвикувајќи го гледачот на длабоко интимно чекање – дерзост која доаѓа да го промени. Го привлекува неговиот поглед кон образот монашки, го издвојува монахот во очите негови, дури и тогаш кога тој е покриен од толпата (како некогаш Захеј кој беше повикан од Христа), од рамнодушноста на светот, од неговата незначителност.“ …… Како ќе го дополните ова од Ваш аспект?
И.И.КАРОВ -Во “период на мојата видео ориентација” увидов нешто специфично уште на самиот почеток, нешто што не можев до крај да го артикулирам во себе. Ми требаше некое време додека да откријам за што станува збор. Во манастирот непрестајно се одбива една тивка борба за љубовта Христова, тоа е онаа борба што не гори туку жари – како што пишува М-р Деловски во рецензијата, од која погоре цитирате. Овој филм е токму за таа монашка борба за спасението на сите…
КУЛАРТ– На некој начин поставивте темели на една поинаква од досега познатата документаристика за Бигорскиот Манастир. Што е специфичноста на овој документарен филмски приказ?
И.И.КАРОВ– Јас само примарно го преставив она што го почувствував, а секундарно она што го видов. Да бидам искрен, се’ уште не можам да се соочам со неколкуте коментари за уникатниот пристап, особено поради тоа што на некои делови свесно користев испитани ТВ формули. Сепак, едно е да го правиш, а сосема друго како гледач да го гледаш филмот – што би се рекло “На раат”.
КУЛАРТ– Малку за екипата која вредно работеше. Кој се стои зад овој филмски производ и секако каква ви беше соработката?
И.И. КАРОВ- Екипата, со оглед на тоа што филмот се снимаше речиси 5 години, беше многубројна. Ние постојано се потпиравме на многу искусни сниматели, дрон оператори, тон мајстори… Сите нив ќе ги видите на одјавната шпица на филмот. Едноставно многумина сакаа да имаат барем еден мал удел во ова капитално дело, што ми е посебно драго. Без сите нив овој филм немаше да се случи, но сепак, оние на кои филмот за сето ова време се потпираше се: Илија Жоговски, Благој Веселинов, Бранко Блажевски, Горан Костадинов, Горан Трајковски – Готра, Братислав Зафировски, Дарко Данилов…
КУЛАРТ – Што после премиерата? Каде ќе се емитува и имате ли некои планови за негово фестивалско или промотивно прикажување?
И.И.КАРОВ– Уште кога филмот влезе во процес на монтажа, ние увидовме дека тој има фестивалски потенцијал. И морам да признаам дека размислувавме и на таа опција – да го пуштиме да патува по фестивали. Но, во тој случај, ќе ја жртвувавме македонската публика, која беше запозната со тоа дека се снима филм за нивниот илјадагодишен сведок на Светлината, за Бигорскиот манастир. Едноставно, согласно правилата на филмските фестивали дека филмот не смее да биде претходно промовиран за да се најде таму, ќе требаше да се чека уште мининум две години за да биде проследен тука. А токму овој филм беше наменет за нашите сограѓани. Бигорскиот манастир 1000 години е најголемото светило на македонскиот народ – и во духовна и во културно-просветна смисла. Затоа, ние како екипа, едномислено одлучивме да им го подариме не само на Македонците, туку и на целиот свет. Во овој контекст, филмот после промоцијата на 15 април ќе остане прикачен на официјалниот јутјуб канал на Бигорскиот манастир, како и на веб страницата на филмот. Многу голема е веројатноста истиот да се емитува и во соседните земји, но од оваа временска позиција не можам да ги објавам деталите.
КУЛАРТ – За крај, се подготвува ли нешто ново во филмските скици на Илија Ико Каров?
И.И.КАРОВ– Да, тоа можам да го најавам, но не и се’ да ви откријам. Подготвуваме сценарио, се екипираме, генерираме идеи за да снимиме повторно малку поинаков филм за еден од манастирите коишто се под духовно раководство на дедо Партениј.
Благодариме за разговорот и нека Светлината на Бигорски трае до вечнноста.
Документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“ посветен на Бигорскиот Манстир св Јован Крстител, Храм на православието, по сценарио и режија на Илија Ико Каров, снимател Илија Жоговски, продукциска екипа Благој Веселинов, Бранко Блажевски, Горан Костадинов, Горан Трајковски – Готра, Братислав Зафировски, Дарко Данилов… е во Продукција на КАТ ПРОДУКЦИЈА од Скопје. Премиерата на филмот е на 15 април.