Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ и Здружението на граѓани “Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“ кон крајот на март одржаа прес конференција со цел да укажат на проблемите со кои голем број деца се среќаваат при бракоразводните постапки на нивните родители, особено фактот дека се поголем број деца се предмет на родителско отуѓување.
На прес конференцијата беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ и новоформираното здружение на граѓани “Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“.
Како што истакнаа претставниците на двете организации, соработката ќе биде насочена кон овозможување децата да го остварат нивното основно право на континуирано присуство на двајцата родители во нивниот живот, растење и воспитување. Покрај целите на меѓусебната соработка беше даден и осврт на најчесто застапените проблеми со кои се соочуваат децата при бракоразводните постапки.
Претставниците ја информираа јавноста за моментниот статус околу законските промени кои ги предлагаат и говореа за заедничките интереси заради кои воспоставуваат соработка.
Наум Рибароски од ,,Децата пред сè“, го истакна концептот на заедничко родителство, додека Драги Змијанац од ПДАС Меѓаши говореше за синдромот на отуѓено дете – феномен кој се појавува кај семејства кои поминуваат низ и по
бракоразводни постапки, со кој се соочуваат децата последните години. Воедно тие ја потсетија јавноста за иницијативата за законски измени за реализација на заедничкото родителство по развод, за синдромот на отуѓено дете по бракоразводна постапка како и за дојавите на АлоБушавко/Телефонот за деца и млади.
На прес конференцијата се говореше за најчестите примери на девијации кои се јавуваат кај децата кои се предмет на конфликтни разводи и зошто е добро да се воведе заедничко родителство, за што образложи прим д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ од Институт Алтернатива.
За крај, Клементина Добревска – психолог/координаторка на АлоБушавко/Телефонот за деца и млади апелираше до сите родители, мајки и татковци во време на развод да останат разумни, да
ја тргнат себичноста на страна и да не влегуваат во војна со своите поранешни партнери, во најдобар интерес на децата, бидејќи нивните проблеми оставаат трага и несакани последици кај нивните деца.
Стоп за проблемите со кои се соочуваат децата при бракоразводните постапки.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.