Блиски а толку далечни – Избор на Песна за Евровизија

Деновиве се случи Беовизија 2022 година, спектакуларното шоу на кое Србија го избра својот претставник за Песна за Евровизија оваа година. Песната на Евровизија оваа година ќе се одржи во Торино во мај, заради минатогодишната  победа на Италијанската рок група Манескин со нивната рок нумера Zitti E Buoni.

Потполно се согласувам со изјавата на една моја почитувана колешка “Гледав Избор на РТС, и да не гледам од Торино видов grandee show, нема да е загуба“. Секогаш РТС пријатно изненадува со своите забавни музички шоу програми и спектакли. Сеуште ја паметиме Новогодишната програма од пред два месеци каде во неколкучасовната програма со беспрекорно осмислено сценарио, костими, покриеност на државата, актуелни случувања, ни дадоа едноставно „екстра забава“.

На РТС во саботата на Изборот на песна за Евровизија-Беовизија 2022 година,  видовме се. Одлично осмислена креативна шоу програма која беше беспрекорно забавна, продукциски совршена со богата и разнолична музичка содржина, водители од европски ранг, костими кои блесакаат на раскош и сцена која е повеќе од совршена- Евровизиска. Навистина секој пат кога ќе видам некое ново издание од РТС се прашувам “Умеат ли повеќе од ова?“ – И да, умеат и го прават.

Музичката содржина навистина разнолика, а не би пишувала за победничката нумера не затоа што мој фаворит беше друга нумера, туку затоа што сеуште немам искристализирано, дали победничката Констракта со песната “In corpore Sano” , комплетно како текст, музика и сценски настап е токму за Евровизија?! Во моментов мислам дека песната и сето споменато е основа за одличен Мјузикл , каде драматуршки ,сценски и музички може да се добие претстава која ќе се игра и ќе се памети, можеби заради неколкуте пораки што ги има а очигледно ги погодија многу од светот на уметниците но и надвор од него.

Но, уште еднаш! Српската РТС, направи музички совршен спектакл, кој беше вистинско уживање да се гледа.

Од друга страна во не толку далечни времиња, но сепак се околу деценија и половина и овде во нашава Долина на немоќта, каде царува мрзата, некреативноста и површноста, имавме Избор каков што го имавме. И кога не е така спакуван, безлично и безначајно имаме шоу кое најмалку наликува на музички спектакл. А не дека не сме правеле и не дека нема луѓе што знаат. Има, но за жал приоритетите и медиокритетите се на најниското авторско и креативно ниво. И кога барам едноставно објаснување освен тоа дека, на оние што се поставени тоа да го работат ниту им се работи ниту знаат да работат, друг одговор немам.

Е ама очиглено во РТС работат. Работат креативците, работи продукцијата, работат уредниците, работи цел тим… И очигледно не им е мака и што е најважно ЗНААТ. За жал од другата спомената страна никој ништо ниту знае, ниту сака, ниту работи. Се е само начин по полесен пат да се стигне до Евровизиската дестинација за да се прошета, да се забавува, патем со парите од народот на кого кога веќе не добива никакво задоволство, учеството на Евровизија ништо и не му значи. И така со години, со децении без трунка СРАМ!

А тука до нас блиску и не во “званичната Европа“ некои наши блиски а сепак многу далечни, прават вистински телевизиски креативни спектакли.

М-р Татјана Гогоска

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.