На 1 март од 18 часот во Чешки центар во Софија ќе биде отворена изложбата „Бегство од кругот“ на ликовната уметница Петра Јовановска која живее и твори во Република Северна Македонија. Настанот е плод на соработка помеѓу Чешки центар, Амбасадата на Чешката република во Софија и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија, Амбасадата на РСМ во Софија.
Изложбата е специјално подготвена за просторот на Чешки центар во Софија. „Бегство од кругот“ е игра со кругот. Авторката користи различни медиуми како дел од експеримент, но во исто време се е синхронизирано. Петра Јовановска (*1972) е родена во Јесеник, Чешка Република. Дипломира на Факултетот за Ликовни Уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Република Северна Македонија. Има над 30 самостојни и над 300 колективни изложби низ целиот свет. Таа е носител е на бројни признанија од ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Република Северна Македонија, Романија, Чешка, Франција и др. Многупати учествувала на колонии в Чешка, Полска, Република Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна гора, Србија. Член е на ДЛУМ и ICOMOS. Куратор и организатор е на различни ликовни проекти.
Кругот нема почеток, нема крај, нема аголи, нема страни. Не ограничува, покрај тоа што задава форма. Се внатре и надвор од него е во движење, тој е и нулата, од која сѐ започнува и на крај се враќа. Повикува за активност, ги симболизира временските циклуси, движењето на планетите околу Сонцето, целосноста, задоволството, концентрацијата, единството, совршенството, револуцијата и еволуцијата. Психолошки кажано, кругот ни дозволува да направиме отпечаток на себе, т.е. нашето „Јас“ во една универзална, бесконечна шема на Вселената и на тој начин да застанеме еднакви со сите живи суштества, дури со сето она кое не опкружува. Точно тоа го правам и јас, правам отпечатоци на „себе си“ – моите мисли, емоции во сликата – во кругот. Го правам тоа со посредство на различни материјали и техники, на пример преку графички техники, како линорезот и релјефен печат, колаж, фотографија, цртеж, сликарство, го проучувам бескрајното од варијантите на игра со кругот. Преку серијалност и мултипликација на една и иста форма добивам значителна динамика на сликата која е засилена од структурата.
За моето претставување во Чешки центар во Софија ја избрав како основна тема комуникацијата со геометриската форма – кругот и неговата симболика. Но, мојот уметнички израз не се заснова само на симболичните карактеристики на геометриската форма, основната намера е да ја насочам уметничката активност кон синтеза на ликовниот јазик и кон еден вид проучувачки приод кон ликовното дело. Кругот како основен мотив во моето творештво не доаѓа случајно. Доаѓа како синтеза на мојата творечка и животна филозофија, на знаењето дека кругот како совршена форма симболизира сѐ за кое како жена и уметник копнеам.
Кругот како карактеристичен симболичен мотив на мојот сопствен лик, понекогаш е впишан во квадрат – како контрастна форма, која симболизира сѐ материјално, оформувајќи нераскинлива врска меѓу духовното и материјалното.
Со своите работи се стремам кон минимализмот и универзалноста на уметничкиот јазик. /Петра Јовановска/
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.