Почетна ИНТЕРВЈУ ЈАНИНКА НЕВЧЕВА: Истражував, сѐ додека во себе не го пронајдов сиот свет...

ЈАНИНКА НЕВЧЕВА: Истражував, сѐ додека во себе не го пронајдов сиот свет на музичкиот гениј Бетовен

Фото: Роберт Јанкулоски

Пријатно изненадување на истекот на минатата година беше објавувањето на двојно цеде со класична музика, на уметницата Јанинка Невчева, издадено од Уметничкиот центар „Полифонија“, и Давор Јордановски.
Најпрво, честитки, и кажете ми како сте задоволна од оваа реализирана идеја, преточена во издание?
-Ви благодарам за вниманието и честитките. Ми се чини дека за секој уметник е важно да ја претставува својата работа во јавноста на овој или оној начин. Веќе подолго време ме привлекуваше идејата да направам некои снимки и така музиката што ми значи да ја ставам на носач на звук, наместо да ја отсвирам во рамките на рецитал. Овде ги имам на ум делата за соло пијано, кои во слободното време ме инспирираат да ги работам дома. Бидејќи првпат се зафатив за овој тип на мое претставување, немав сосема целосна претстава како се прави тоа. За моја огромна среќа, имав разбирање и поддршка, имено, од луѓето со кои соработував, и без кои излегувањето на ова цд немаше да биде можно. Нештата течеа некако природно, во еден долг процес на организација на снимањето, преглед и обработка на снимките како и дизајнот и печатењето. Всушност, убавината на целиот тој процес е што е тоа тимска работа, и што секој го внесува својот личен печат во самата обработка. За ова особено ми е драго дека ги најдов вистинските луѓе за мене, кои умееја да препознаат што точно сакам во крајниот производ. И затоа особено се радувам.
*Го објавивте свој двоен тематски албум, со изведби на седум сонати од раниот пијанистички опус на Бетовен,така гласи и самиот наслов на цедето. На Бетовеновите сонати, водејќи се од една Ваша изјава, ќе речам, сте се одлучиле за време на карантинот. Што Ве привлече кон овој избор?
-Бетовеновите сонати за пијано ми се предизвик уште од времето кога студирав во Франција. Најмногу поради тоа што неговиот музички израз во тоа време ми беше туѓ на мојот сензибилитет, а поради студиите морав да го работам посериозно. Интелектуално разбирав дека неговата музика носи длабоки вистини за човечката природа, и особено уживав да ги слушам неговите симфонии и квартети, но никако не ги поднесував неговите сонати за соло пијано. Меѓутоа, бев одлучна дека ќе го истражувам сѐ додека во себе не го најдам оној свет кој токму бетовеновиот гениј го отсликува во своите музички дела. Неговите сонати за пијано го одразуваат неговиот личен развој како музичар и човек, човек со надежи, со идеи, со разочарувања, со падови и нови почетоци. Се разбира, таквиот развој може да се види и во останатите негови камерни и симфониски дела, но мене ми остануваше да се сосредоточам на сонатите за пијано, зашто клавирот е мој инструмент. Да свирев некој гудачки инструмент, несомнено прво нешто што ќе барав – музичари за да ги свириме неговите квартети. Има ли потреба да нагласувам дека целото ова истражување беше едно патување меѓу љубовта и омразата кон неговата музика, со сите нивни нијанси? Се разбира победи љубовта. Потоа самата љубов сака да се покаже, отвори кон светот, и така настанаа овие снимки.
*Колку време Ви требаше да го замислите, конципирате, изведете и да влезете во студио да го снимите?
-Идеите се раѓаат, и полека растат и зреат додека истовремено се работи на нив. Немам баш чувство за време, но ми се чини дека годината во карантин и посебни мерки ги поттурна истите тие идеи кон остварување. Полека работев на изведбата, на усовршувањето на техниката во изведбата и нејзината целокупност, а во меѓувреме ги исконтактирав луѓето кои знаев дека ми требаат. Снимките ги направивме во две сесии– едната во август 2020, другата во март 2021. Работев на првите осум сонати, но во текот на снимањето одлучив да исфрлам една од нив, поради неколку причини. Така, сонатите ги подредив по редослед на нивните опуси, при што опус 2 е целина од првите три сонати, кои сведочат за раните влијанија на папа Хајдн и Моцарт врз Бетовен. Опус 10 е исто така целина од сонатите број 5, 6 и 7. На двете целини ја додадов познатата Патетична Соната опус 13. Го исфрлив опус 7 кој е една сосема поинаква приказна, сама за себе.
no
*Кои други луѓе се заслужни за успешната реализација, со својата помош или учество, на кој начин придонесоа тие?
-Многу Ви благодарам за ова прашање, кое е од суштинска важност за мене. Сите луѓе кои учествуваа се подеднакво значајни, но јас ќе тргнам според хронолошкиот ред на нештата. Најпрво, Ален Хаџи-Стефанов, тон мајсторот. Со него имав соработувано претходно снимајќи дела на Алек Пејовски. Бев многу задоволна и знаев дека Ален го има потребното искуство и мајсторство за она што сакам да го направам. За контактот со Ален многу му должам имено на композиторот Александар Пејовски, од кого имав огромна морална поддршка за оваа работа. Потоа, Македонска Филхармонија која имаше разбирање за проектот и љубезно ми ја изнајми нивната сала и опрема на користење. Семејството Ристески од Piano Center за штимање на клавирот, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска за фотографиите и дизајнот. Министерството за Култура го поддржа излегувањето на цд-то, а од посебна помош ми беше Орце Ицковски кој се грижеше за целиот процес и сите практични и финансиски детали од почетокот до крајот. Се разбира, не помалку важен од сите нив е самиот издавач – Давор Јордановски. Овде мора да потенцирам дека имав потполна доверба во секого од нив, зашто сите тие се не само одлични професионалци, туку и посветени во својата дејност.
*Добро е што добивте финансиска поддршка Нешто без кое секоја идеа пропаѓа, или обратно со кое секоја идеја го добива своето парче во мозаикот наречен “новосоздадено издаваштво”.
-Без финансиската поддршка од Министерството за Култура издавањето на цд-то веројатно ќе останеше само сон, или во најмала рака – одложено за понатаму.
*Албумот, промотивно излезе во пакет со албумот на виолинистката Сања Шуплевска, и двата беа објавени од иста продукција и во исто време. Но, ја добивте ли заслужената медиумска промоција или таа допрва доаѓа?
-Лично, јас сум задоволна што промоцијата помина поскромно од вообичаено, без многу медиуми. Тоа ми даде простор да ги изненадам повеќето мои пријатели со подарок кој носи личен печат, пред тие воопшто да стигнат да бидат информирани дека е објавено мое цд. Таа радост не би ја заменила за поголема видливост во медиумите. Но, се разбира медиумите носат своја тежина. На пример, Вашите внимателно срочени прашања придонесуваат да се прикаже една поцелосна слика, а не само да се информира јавноста за излегувањето на цд со Бетовенови сонати.
*Да позборуваме за претстојните концерти, што треба допрва да следува на концертен план.
-Зависи од моите работни должности во Операта и од моите соработници на камерен план. Начелно, постојат некои договори за соработка со интересни музичари за убави концертни настапи оваа година, но не би ги откривала уште отсега. Прилично е рано, а во денешно време се чини дека плановите се мошне подложни на промени.
Патувањата и гостувањата во европските земји не ви е нешто туѓо. Од 2000 до 2005 во Париз се усовршувавте во областа на камерната музика и соло репертоарот за пијано. Од 2008 година како корепетитор во Операта, но и како пијанистка вработена во Македонска Опера и Балет, не само што ние овде Ве слушавме на разни рецитали, концерти и фестивали во Македонија, исто така и настапувавте и во Италија, Франција, Бугарија, Турција, Германија. Пандемијата малку ги стопира тие гостувања, но дали сепак нешто ново е во најава?
-Не сум размислувала за гостувања наскоро, иако би било прекрасно. Минатиот септември заедно со сопранот Ана Митоска гостувавме во Рим, и тоа беше незаборавно патување. Во последно време сум прилично растеретена од планирање на патувања, но ги прифаќам понудите што ми доаѓаат. Многу би сакала наскоро да го посетам Париз, ама тоа попрво би било едно лично патување, без професионални ангажмани, за повторно да се сретнам со моите тамошни пријатели.
Работата со деца е сегмент од Вашата работа. Во 2006 година во Скопје го основавте музичкиот отсек на “Детски свет”, каде до 2012 година работевте со деца од претшколска возраст по францускиот метод éveil musical (сертифицирано од ADEM – Франција). Сега знаењата ги пренесувате на деца во “Полифонија”. По истиот метод или нешто променавте?
-Всушност, во 2012 се повлеков од педагошката дејност онака како што ја работев дотогаш. Тие години беа посветени на музичкото воспитување на деца од претшколска возраст кое си имаше свои особености. Во мојата работа вклучував запознавање со разни музички инструменти и импровизација со нив, но и отворање на детскиот сензибилитет за разни музички епохи, стилови и традиции. Просто речено – музиката како говор. Работата со деца од најрана возраст е особено инспиративна во секое време, но после подолго време не бев во состојба квалитетно да одговорам на сите работни ангажмани. И така прекинав со континуираната работа со неколку групи деца. Од тогаш учествувам во музички работилници повремено, како поддршка во проекти водени од други уметници или педагози. Што се однесува до Полифонија, здружението нема прекинато со едукативни содржини и настани, и јас понекогаш помагам со некои совети или учество. Во секој случај, педагогијата е благородна дејност, и драго ми е што Детски свет и Полифонија продолжуваат да носат нови едукативни содржини.
Во 2018 година Ве слушнавме во пијано придружба на Благој Нацоски, а бројни истакнати пијанисти, како парижаните Мартин Жост и Клод Алфер, се Ваши соработници. Меѓудругото, Вие сте една од студентките на познатиот професор Борис Романов, кај кого студираше и маестро Симон Трпчески. Имате ли во план нова соработка со некое истакнато музичко име во блиска иднина?
-Одлично прашање. Општо земено, отворена сум за соработка со секого со кого ни се вкрстуваат музичките патишта. Во текот на мојот музички пат сум имала чест да соработувам со разни музичари изведувачи, некои од нив помалку познати, други попознати. Најчесто соработувам со нашите истакнати оперски пејачи, а секогаш со радост се сеќавам и навраќам на соработката со флејтистката Елена Стојческа од Париз. Во последно време драги ми се камерните состави на Полифонија, а остануваат и некои мои неостварени музички желби во однос на камерната музика. Што се однесува до имињата кои ги спомнавте, тие беа моите ментори во адолесценцијата и раното зрело доба. Би сакала овде да ги споменам првите учителки: Весна Арангелова и Снежана Анастасова – Чадиковска кои ме водеа во првите пијанистички чекори и умееја да го насочат талентот во вистинската насока. Без нивната пожртвуваност немало да стигнам ниту до еминентниот проф. Романов, ниту подоцна до моите француски ментори. Еден од посебните таленти на проф. Борис Романов е тоа што тој умее да ги распознае музичките афинитети на секого од нас, неговите студенти, и да го храни и насочува истиот со цел да се оствари личниот музички печат на секого. И така го имаме Симон Трпчевски, Дино Имери, Шкељзен Бафтијари, Цветанка Созовска, Весна Ангелова, Елена Атанасовска… И сите ние сме толку различни еден од друг, па сепак со исти музички корени. Во Париз пак, ја имав среќата да бидам под менторство на Мартин Жост (Martine Joste), која ми отвори нови пијанистички и музички хоризонти и пристап кон работата. Клод Алфер (Claude Helffer), чија животна приказна се затвори во 2004 година, остави, кај сите оние кои го познававме, една неисцрпна инспирација за неуморни творечки истражувања.

Валентина Ѓоргиевска Парго

metropolis-big