“Француски бакнеж” е насловен концертот кој ќе се одржи в петок, на 11 февруари, 20 часот. Диригент е Џијан Емин, а како солисти ќе настап момците од француското трио “Ана Кап” кои воедно се и автори на музиката која ќе биде изведена. Гости на концертот се и виолистот Оливие Самуилан и вокалистката Бети Жарден, и двајцата од Франција.
Пјер Миле – труба Мануел Декок – виолина Жан Мишел Трото – хармоника Во ова лудо и поетско шоу, „Ана Кап” триото свири, пее, танцува и „распарчува” и ништо не е оставено на случајноста. Слушаме наизменични трогателни и хумористични моменти, со прецизност на швајцарски часовник. Феноменалното шоу на француското трио „Ана Кап” е вистинско камелеонско, инспиративно патување во кое се комбинираат виртуозна музика, чудесна комедија и дадаистички песни. Тоа се тројца извонредни музичари: фасцинантен трубач кој по секоја цена покажува неизвесност, среќен хармоничар со биполарна тенденција и срамежлив и измачуван виолинист, кој се обидува, најдобро што може, да ја спаси фарсата…
Оливие Самуилан е роден 1976 година во Тулуз. Студира музика на конзерваториумот во Тулуз, а потоа продолжува со студии на Колеџот за музика „Беркли” во Бостон. Тој е композитор, мулти-инструменталист и неуморен патник. Покрај неговите интензивни и различни активности како изведувач, тој пишува и музика за филм и телевизија. За да ги сублимира своите пасии, ја создава и издавачката куќа „ Art Melodies”, специјализирана за издавање музика за филм. Оливие Самуилан соработува и со издавачката куќа „Cezame” како композитор уште од 2004 година.
Бети Жарден е француска пејачка која живее во Нормандија веќе седум години. Едуцирана е како џез пејачка ( таа е дел од биг бендот на Монпелије) во јужна Франција од 1999 година. Шест години студирала и џез теорија на Конзерваториумот за џез во Каен, Нормандија. Исто така ја изучувала и индиска музика, во Јужна Индија каде престојувала 12 години. Интеракацијата меѓу џезот и индиската музика и даваат препознатлив вокален сензибилитет и уникатност. Најчесто таа ги пишува своите песни, кои ги изведува со различни музичари и групи во Каен.
Џијан Емин е човек со (без) име и презиме. Токму онака како што своевремено пееше „Архангел”, група во којашто едно време и самиот беше член. Име и презиме кое се запаметува на прва, човек за кого и светот слушна. Неговата силна желба сето она што како музички уметник во младоста го стекнал и го практикувал да го преточи еден ден во, велат, најкомплексниот сегмент од најубавата уметност – диригирањето нему му се оствари. Џијан Емин застана зад пултот со Македонска филхармонија во повеќе значајни проекти изминатите неколку години, во дел од нив и како оркестратор, привлекувајќи го силно вниманието на јавноста.
На пример, масовните концерти „Скопје за Боуви” и „Пинк флојд” во Градскиот парк на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга”, музичко-сценскиот спектакл „Музика универзалис” во охридскиот Антички театар со еден од пионерите на детроитската техносцена Дерик Меј и повторно Македонска филхармонија, проект со кој го прошета светот (САД, Австралија, Франција), потоа се памети и настапот со Белградскиот симфониски оркестар и американскиот диџеј Јуан Аткинс – уште еден експериментален влог во кој фузијата на електронската и класичната музика се покажа мошне инспиративна, минатогодишниот концерт „Париз те сакам” по повод Денот на вљубените на кој француски познати шансони беа во негови аранжмани, проект со кој, исто така, излезе надвор од нашите граници (Прага, Будимпешта), мултимедијалниот проект „Neuland Sensorium” што се одржа во „Мала станица”, а кој се издвои како еден од иновативните звучни проекти и во авторска, но и во продукциска конотација, како диригент на Симфониски концерти за деца, на новиот и мошне активен ансамбл на Здружението на џез-музичари на Македонија…
„Секој уметник кој се стреми да биде голем презема храбри чекори и одговара на предизвиците во уметноста, кои се круцијални за добивање нови форми, нов израз, нови начини кои носат воспоставување нови медиуми”. Токму тоа, Џијан Емин, во разни форми и жанрови, досега умешно го прави тежнеејќи да претстави една нова музичка перцепција, да наметне нова звучна естетика која се базира на неговото навистина огромно искуство како мултимедијален музичар – многу години како прв хорнист во Македонска филхармонија, клавијатурист, гитарист, композитор, аранжер, сега и диригент…
За Џијан Емин, музиката има магична моќ. На различни начини успева да нè води низ времето, ни ги пренесува мудростите на животот, среќата, радоста, тагата…, несвесно влијае на нашиот разум и нè прави подобри луѓе. Тој го следи своето срце кое, признава, му нанело многу болки, но за возврат, денес ја има слободата која носи безмерна среќа, а која сака да ја споделува со луѓето.