Во Меѓународниот град на уметностите во Париз, од 10 јануари до 30 јуни оваа година, е поставена големата изложба „Emersions: archive vivante“ („Повторно надвор: жива архива“), која содржи архивски материјали од богатата историја на оваа реномирана фондација која обединува уметници од целиот свет.
На изложбата се застапени и фотографии на македонски резиденти, како и една фотографија од посета на претседателот Киро Глигоров на Ателјето и уметничко дело од академскиот сликар Коле Манев, еден од многубројните македонски уметници кои во изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во популарното Ателје во Париз.
Во 2002 година Министерството за култура на Република Македонија, потпnиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години а истата година е основано и македонското Ателје, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници кои дотогаш во Париз беа присутни преку ателјеата на поранешната Југославија.
Изложбата ја раскажува приказната за Меѓународниот град на уметностите во Париз од неговото основање. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на фондацијата, во која се претставиле над 30.000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата ‘Градот и Европа’ – е дел од долгорочниот проект на фондацијата, која предвидува и други две изложби“.