Вевчанскиот карневал e еден од најпознатите карневалски манифестации на Балканот, стар колку и Вевчани. Вевчанци живеат за карневалската ноќ, со што се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар, на 13 и 14 јануари. Василичарските друштва (Горна и долна маала) ја одбележуваат симболиката преку маските на сатиричен начин да упатат силни пораки кон општеството и политичарите. За Вевчанскиот карневал Вевчанци ги подготвуваат маските преку цела година, а се верува дека со нив се бркаат злите духови и се посакува бериќетна година.
Со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србаноски“, на 12 јануари во Вевчани започнува традиционалниот Вевчански карневал. Тридневната карневалска манифестација покрај дефиле на маскираните василичарски друштва ќе има и музичка програма и изложба на фотографии и слики од повеќе македонски автори во Мултикултурниот центар, а со огномет ќе се одбележи Новата година според стариот Јулијански календар.
Годинава во музичкиот дел ќе настапат диџеј Фејс, Жаре Бербер, Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски.
Манифестацијата ќе заврши на 14-ти јануари, со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани.