6 јануари 2022
Православниот празник Бадник, денот пред Рождеството Христово, денеска беше прославен во верските објекти, а по традиција, главната прослава се одржа во Соборниот храм во Скопје.
Скопските бадникари, и покрај пандемијата со ковид-19 и оваа година не се откажаа од традицијата, па празникуваа со маски, со предавање на гранчиња од стариот на новиот кум, со музика но без топла ракија, и со осветување на погача.
Годинава кумството од доктор Никола Пановски го презедоа актерот Драган Спасов Дац и музичарот Александар Митевски, заедно со здравичарот, уметникот Живко Поповски Цветин. Тие порачаа дека уметноста ќе ја победи пандемијата.
Ви го пренесуваме во целост говорот на Цветин:
Драги пријатели – Бадникари.
На овој голем празник – Бадник, само неколку часа пред Христовото рождество да посакаме, овде пред овој Свет Храм, многу здравје, мир, радост и љубов за сите во светот и најнакрај за нас, нашите семејства, пријателите, нашиот народ, сите граѓани на нашата татковина.
Ми причинува големо задоволство што сме заедно во овие мигови на продолжување на традицијата
на нашите претци, овде пред светилиштето на сесловенскиот светец Св. Климент Охридски кој ни ја даруваше писменоста не само нам на Македонците туку на сите словенски народи и го создаде првиот универзитет во Европа.
Оваа традиција што се востанови во Нашето Скопје има за цел да не обедини сите во едно христијанско заедништво каде секој од нас треба да подаде рака на ближниот, на пријателите и да им
помогне на сиромашните, на болните, на несаканите.
Драги бадникари Скопјани !
Нека оваа година ни донесе многу здравје, после толку човечки загуби во изминатите скоро две години. Да живееме во мир, слога, разбирање, взаемно почитување и љубов. ДА ЈА ПРОДОЛЖИМЕ ВЕКОВНАТА ТРАДИЦИЈА ШТО ТРГНУВАЛА ОД ОВИЕ НАШИ ПРОСТОРИ ДА БИДЕМЕ МИРОНОСНИ ГЛАСНИЦИ ВО НАПОРИТЕ СВЕТОТ ДА ГО ПРЕУСТРОИМЕ ВО ЦВЕТНО ПОЛЕ
НА МИР И БЛАГОСОСТОЈБА.
Да си подадеме рака едни на други, да им помагаме на немоќните, без делба и навреди. Да ја споделуваме и од срце заеднички радоста но и болката.
И како што не учи Исус Христос да се сакаме и да си простуваме и заедно да го делиме доброто и злото и да го даваме најдоброто за нас и за идните генерации.
Затоа ова Лето Господово 2022, во предвечерието на Исусовото раѓање нека бидат богати и благословени нашите трпези.
Благословени да се нашите домови, да имаме сите лична и семејна среќа, да има здравје, радост, род и пород, слога и разбирање за сите сограѓани на Скопје и Македонија.
Нека ни биде годинава среќна и берикетна. Нека има мир, здравје, радост, среќа, љубов, задоволсво и
меѓусебна доверба.
Вечно да се слави Бадник и Христовото раѓање – БожиК, во нашите срца исполнети со Христовата љубов, меѓу Скопјани, во Македонија и во Светот.
БИДЕТЕ БЛАГОСЛОВЕНИ.