Големата (филмска) љубов!

Секогаш штом го слушнам прашањето “Дали го изгледа филмот?” пред очи ми излегува слика кога нашиот великан Горан Стефановски при едно вечерно излегување ме праша како ми се допадна “Џипси Меџик”, во екот на најголемата слава и еуфорија, а јас ладнокрвно му одговорив дека не сум го гледала. Тој се изненади и ме (до)праша “Зошто, кога сите го гледаа, и се бара кино- билет повеќе?”, на што следуваше мојот одговор дека потресително се заљубив во стихот од песната “ќе ти купам геврек, за да спиеш ти со мене илјада и една ноќ”, но поважно е што филм што го следи толку силна пропаганда секогаш го гледам откако ќе се олади атмосферата, да го доживеам неутрално, односно по мое, а не водена од чувствата и впечатоците на другите.
Мислам дека тука веќе се амортизира неговата зачуденост и додаде дека сега веќе некако му се допадна мојата чудна “филозофија” на гледање на филмови, но тогаш всушност испуштив да му кажам дека беше период кога сакав да се откачам од навиката на гледање по 2-3 филмови на ден, најмногу љубовни, на кои потоа се гушев од плачење и ги доживував како мене да ми се случиле. Затоа што сите нив ги избирав со љубовна тематика.
Американските ги сакав малку повеќе, а упатениот и извонреден филмаџија Мони Дамевски во еден разговор ми откри дека е тоа така зошто тие најчесто завршуваат со хепиенд, а европските, секогаш со потрагичен крај и разделба и дека тоа во основа и тоа е главната разлика во пристапот на правење филмови, во американската и во европската кинематографија.
Деновиве сум затрупана со истото прашање, овој пат тоа се однесува на филмот за српскиот боем Тома Здравковиќ, а зошто не планирам да го гледам на чудење наидов и кај човекот кој долги години беше негова верна сенка и многу пати ми раскажувал за Тома, многу емотивно, а јас сум го слушала со часови. Нашиот Војче Китаноски.
Се зборува наголемо за љубовта на Тома со Силвана (Арменулиќ) и другите жени… Мислам дека од сам старт има грешка во дефиницијата дека таа му е најголемата љубов и дека се знае сѐ. Не! Големите љубови носат големи тајни. Големите љубови се мистерија, тајна, и за нив се знае можеби само кога датумски почнале и кога завршиле, а во меѓувреме таму сѐ се случува толку вртоглаво, судбински и фатално, што ни самите актери не знаат што им се случило и кој ги водел како со “далечинско”. Уште помалку било кому ќе ја откријат својата тајна како било меѓу нив, зошто веќе не се заедно, што ги повредило и што ги разделило. Оттука, не прашувајте кај луѓе кои биле во голема љубов што се случило. Ќе бидете излажани. Дури и да напишале песна/песни за тоа.
Но, филмовите за што би се снимале ако не за љубовта? Знаете некој филм во кој таа не доминира, не ја води приказната и не е лајтмотивот?
Јас не знам, не сум гледала филм за “без љубов”. А од тие што сум ги гледала само три ми останале за вечно запаметување. Соочувањето на крај на “Беше еднаш во Америка” на двајцата другари мафијаши во кој тие на свој начин си признаваат себе си дека сѐ што правеле, правеле поради тоа да ја придобијат девојката во која вечно се вљубени. На второ место е филмот “Рајановата ќерка” кога младата ирка се вљуби и оформи врска надвор од бракот со британски офицер, за време на Првата светска војна. Кога дојде љубовниот бродолом го праша сопругот зошто кога знаел за нив ѝ го дозволил тоа, не ја спречил навреме, а тој смирено ѝ одговори нешто во стилот “Ве оставив да прегорите, оган поинаку не се гасне”.
Третиот, односно првиот филм кој врз мене има најсилно влијание е “Сомерсби”. Сижето накусо: жена го чека сопругот од војна. По долги години, во кои ништо не беше чула за него, тој се враќа одненадеж, но таа е веќе оддалечена и збунета. Се смируваат и тече нивната топла љубовна приказна. Сѐ додека на крај не се дознае дека тој не е нејзиниот сопруг, нејзиниот загинал во војна а овој кој многу личел на него го зел неговиот идентитет, со цел да избегне затворска казна за одредено дело. Сѐ се дознава и тој повторно е соочен со казната, таа го брани на суд до последно дека не е нејзиниот вистински сопруг, со цел да го спаси. Судијата ја прашува како знаете, кога е сосема истиот физикус и изглед, а нејзиниот одговор е одлучен: “Само штом го погледнав во очи, само што ми ја допре раката, јас знаев дека е некој друг, јас мојот вистински сопруг не го сакав и не го чувствував како овој човек!”. Не Ви откривам што се случи на крај, доколку сте љубител на филмови изгледајте го…
Она што ме остави горчлив вкус по филмот е лошата критика која отпосле ја читав, дека филмот имал бројни технички грешки, и лоша монтажа, па така ја фрлил во сенка неповторлива приказна што маестрално ја одиграа Џоди Фостер и Ричард Гир.
Тука би рекла, според мене, најбеспотребна работа е критика за грешките, особено технички, на еден филм. Затоа што тој е како посебен свет. Или ти влегуваш во него и тој во тебе, под твојата кожа, или не.
Оттука, сосема ги сфаќам сите што се заљубија во “љубовта на Тома и Силвана”, без да обрнуваат внимание на техничкиот момент.
Но, сега се покрена лавина коментари дека на ред е филм за нашиот Тоше. Се противам! Се противам од повеќе причини, не само затоа таа приказна е незавршена, се сомневам дека има сценарист и режисер кои се достојни да ја опишат неговата животна приказна (како што и самата Марина Туцаковиќ на времето лично ми рече “сѐ уште не се роди текстописец кој може да направи песна за Тоше” ), а најмногу од сѐ се противам затоа што нема кој да го “одглуми” тој ангелски лик и тие ангелски очи. Таа божествена насмевка. На крај, како ќе ја опишат неговата најголема љубов, која е таа, знае ли некој? Кој би ни кажал? И, како ќе ја долови таа голема Љубов меѓу него и нас од ова страна, кога и самата беше и остана мистерија, за која никој не го дозна кодот. Не може и нема кој, затоа, да го оставиме Тома со својот филм да “крши” кино-каси а оваа наша вечна Љубов, со Тоше, да ја премолчиме и овој пат. Само тоа би било вистина, сѐ друго би било лага!

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.