На полноќ кога една година умира, се раѓа друга! Среќна Нова 2022!

    Ете, некако се измолкнува и четвртиот ден од годината, која само што почна да се движи за да го сврти кругот од новите 365 денови. Се сеќавам токму како денес да се случува, кога полни со надеж, нов восклик и со нетрпение чекавме да ја испратиме 2020-та година, која ќе ја паметиме по жешката шлаканица што Универзумот  ја удри на човештвото, за да го освести или да го сепне, едноставно.

    И така со брзина на светлината а многу настани и промени се измолкна и 2021 година. Кому како, некому подобра, некому полоша, но за сите надвиснат облак на опасност од сеуште присутниот Ковид 19 и неговите мутации, но и зрак надеж и помалку страв во секојдневниот животен здив.

    Што чекавме од оваа Нова 2022 година, посакувајќи си илјадници желби во ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари, секогаш токму тогаш, кога луѓето слават и одекнува смеа, врева и песна а сето тоа се слуша и до најтажните и најскриените места, ширејќи насекаде надеж.

    Сите разменуваат честитки и никој не го слуша својот внатрешен глас, кој не може да се осознае, глас кој е олицетворение на тајната на оној (или самите ние)  ја подготвува(ме) иднината. Една длабока вистинска мудрост вели: подобро да не знаеме каква ќе ни биде иднината за да можеме да ѝ се препуштиме на надежта. Други пак велат, слушај го својот глас, постави си ги желбите и силно верувај и се што ќе посакаш Универзумот ќе ти го даде. Трети пак велат дека точно на полноќ, кога доаѓа новиот свет, Новата година прозборува со сопствениот глас и ако го слушнеме можеме  да  претпоставиме каква ќе ни биде годината што доаѓа.

    “Среќна Нова година“, си велиме еден на друг а тој  глас успеваме ли да го слушнеме?

    Да сме живи и здрави !

    Да сме среќни и децата да ни се здрави и среќни!

    Родителите да ни се во добро здравје и расположение!

    Да, да, да…..посакуваме сами во себе или на другите!

    И сега повторно по којзне кој пат се прашувам, кои се нештата без кој се е бесмислено. И доаѓам до истиот одговор, има две а тоа се љубовта и добрината. Вистина е дека ако човек ги има овие две нешта во себе и до себе, целиот свет ќе е негов. Велат љубовта го врти светот и го прави Виножитото волшебно. Велат со љубовта тешкотиите се полесни а убавите нешта поубави. Велат со љубовта утрата се посјајни, вечерите посреќни. Така ли е?

    А доблеста добрината да е дел од тебе е најубавиот дар што можел Бог да ти дари. Запамети и живеј со добрина, надеж, добра мисла и барај ја љубовта и кога ја немаш, затоа што секогаш Универзумот знае да изненади.

    Пишува  Татјана Гогоска 

     

     

    куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.