Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата во 2021
година во рамки на програмата „Други простори“/Уметност Клима Промена, организираше неколку настани поврзани со теми околу културата и екологијата, и тоа: конференцијата „Културата во време на криза“ и предавање на Јована Тимотијевиќ „Политики на заедничкото“, како и
истражувањето и развојот на дело Урбани градини: сврзни ткива на уметницата Ана Лазаревска.
Целта на оваа програма е да се отворат простори каде ќе се зачнат прашања и ќе се мапира улогата и одговорноста на културата и уметноста во нашето општество. Односно, нивното политичко делување, и релација со прашања кои се однесуваат на ерозијата и присвојувањето на јавното добро и еколошката катастрофа. Исто, сметаме дека постепеното отворање на овие
прашања во полето на културата и уметноста, ќе изгради свест, ќе креира политики да делувања кои се спротиставуваат на екстрактивистичките
пракси, девастацијата на јавното, односно залагање за развој и зачувување на јавното добро и средина.
***
АНА ЛАЗАРЕВСКА ] [ Урбани градини: сврзни ткива
Развоен/процесен проект] [инсталација
Други Простори ] [ Уметност Клима Промена
Петок, 24-декември 2021 година
16-18 часот, Педагошка Академија/ Стакларник
Во овој развоен/процесен проект Ана Лазаревска прикажува дел од своето истражување кое е основано на внимателно и неизбрзано набљудување на природата и општеството, нивните функции, релации, и начини на функционирање како систем. Таа нив ги споредува со системот на кој функционира човечкото тело, кое постои во својата комплексност како и природата, кое зависи од функционалноста на органите, нивната
поврзаност, средината во која се развива и живее, зависи од надворешните влијанија, од траумите, негата, љубовта, грижата итн. Деконструирајќи го
телото таа го промислува процесот на создавање и на телата и системите во кои тие функционираат, односно како клетките се комбинираат за да
формираат ткива, ткивата за да формираат органи, а органите да формираат организми, кои постојат во системи- општествените системи и екосистеми.
Прави аналогија помеѓу комплексноста на екосистемот и општествениот систем, како и телото како систем, сакајќи да посочи дека секоја
нездрава клетка ги нарушува системите и нивното функционирање. Во фокус на истражувањето на Ана е и антропоцената која го претставува времето
кога човекот ги нарушува здравите клетки во екосистемот а со тоа и неговото постоење.
Со својот пристап на набљудување и земање време да се помислат работите, таа се спротиставува на секоја избрзаност, резултат по секоја цена, ефективност и се’ останато како пристапи на кои не тера капитализмот, поради центрираноста околу потрошувачката, брзината,
брзото што го придвижува пазарот на конзуменција. Таа со својот начин на работа се спротиставува на двигателот на антропоцената, и внимателно ја гради сликата за системот на урбани градини кои ги промислува како градски -сврзни ткива- простори кои може да се развијат и поврзуваат во екосистем на градот, функционална единица која и поврзува, создава
чувство на поврзаност, сопственост и одговорност за средината која ни припаѓа, – за јавниот простор.
Ана на еден грижлив начин ни посочува кои се тие ткива во градот и гради визуелен пејсаж – инсталација- каде мапира девастирани, разрушени
простори и укажува како тие да се развијат и врамат во заеднички простори- урбани градини, каде ќе згрижуваме, ќе ја градиме грижата кон
другиот, кон другите битија и природата, јавниот простор, заедницата.
Таа со ова претставување преку своето дело ни укажува на сите оние ткива кои не ги гледаме, а треба да почнеме да ги гледаме, и внимателно да ги развиваме во простори кои ќе ни овозможуваат да дејствуваме, да делиме, создаваме и да придонесеме во развојот на една целина, тело – на својата градска средина.
Таа укажува дека можеме заедно да ги заздравиме ткивата кои сме ги уништиле со невнимание, и да произведеме урбани градини како простори –
сврзни ткива на градот каде се случува поврзување, интеракција, размена и хармонизирање на индивидуалните клетки во градење на заедници.
Својот сензорен указ го гради со уметничка интервенција во простор преку интерактивна инсталација развиена преку мапа, фотографии, QR кодови, gif и медитација, кој е времена, развиена во една темпорална димензија, односно е еден вид на изведување на другост во јавен простор, кое
„изведува предлог“ за понатамошно вклучување на заедницата и внимателен однос кон јавниот простор и средина.
Настанот ќе започне во 16 часот во стакларникот позади Педагошка академија (Дрезденска 15) и ќе се одвива до 18.00. Ана Лазаревска како дел од
процесот и „изведбата на предлог“ ќе го документира настанот, кој како материјал ќе го употреби во развој понатака на овој развоен/процесен авторски проект.
***
Уметничкото истражување се развива како дел од програмата „Други простори“ на проектот ACT: Act, Climate, Transition/Уметност Клима
Промена, ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската унија и Град Скопје.
Текст: Ана Лазаревска и Биљана Тануровска- Ќулавковски.
Тим на Локомотива: програмска директорка Биљана Тануровска-Ќулавковски, проектна и финансова менаџерка Благица Петрова, координаторка на програмата Зорица Зафировска, администраторка Ѓурѓица Христовска, координатор на продукција Стефан Богески, дизајн Јана Ацевска и односи со јавност Кристина Тодороска Петреска.