24.12.2021 – 10.1.2022 во Галерија МКЦ
Колективот постои една година, составен е од млади креативни луѓе, кои се занимаваат со фотографија, илустрација, анимација, дизајн.
Учесници:
Јасна Николова, Софи Лазовска, Стефан Танков, Маја Плачкоска, Бисера Гиновска, Стевица Ѓорѓевски, Ангела Стојковска, Бетсабеа Верник, Александар Арсовски
Во својата најава “Пркос” за себе велат:
„Ние никому не кажуваме „како треба“. Ние си ги полниме џебовите со ѕвездена прашина, собираме искуство, учиме, грешиме, ама веруваме во сѐ што создаваме, и веруваме во промена. Уште си го бараме патот, сме ја погодиле орбитата, ама не знаеме на која точка сме во револуцијата. Истражуваме, твориме, пркосиме, сите сме тргнати по своја траекторија, сите си имаме своја замисла.
Ние сме бенд без музичари, креативни луѓе од полиња како фотографија, илустрација, анимација и дизајн, тука не е важно од каде доаѓаш и дали те познаваат на улица, битно е да имаш очи полни љубопитност и жар, да си упорен, да создаваш и да не можеш без тоа.
Колективот направи 1 година, и за тој временски период, сфативме дека она што нѐ дефинира нас е што сите сме многу различни, и во креативниот процес, и во стилот, и во техниката, но наместо да гледаме на тоа како препрека, го користиме и го гледаме како нешто што само повеќе нѐ зближува и создава одлична атмосфера за размена на искуства, за учење нови техники и за посмело кршење правила. Ништо не може да ја побие потребата за креативен паралелен универзум, особено за нашите струки. Секогаш ќе остане нешто недокажано во проектот на работа, секогаш има некој над нас, кој диригира со палката и диктира што се одбира. И тоа е во ред, сѐ додека ги посетуваме нашите паралелни универзуми и минуваме време таму, онаму каде што, „никому не мора да се допаднам“ и каде што нема правила, делото нема „адреса за испорака“. Затоа и се создаде потреба за овој проект, како најубав аларм во сабота за правење нешто во кое што веруваш“.