Промоција на романот „Анатомија на бумбарот“ од Стефан Марковски

Романот „Анатомија на бумбарот” на Стефан Марковски ќе биде промовиран на 23 декември, четврток, во 19 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ – Скопје.
Романот на Марковски беше објавен на англиски јазик и достапен во електронска и печатена верзија на платформата „Амазон” каде годинава достигна и рекордно прво место во категоријата Источноевропска литература за Киндл изданијата.
Во романот, чие македонско издание е објавено од „Паблишер“, се дефинира енергична и психолошки силна приказна каде се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување. Во наративот, како што во поговорот пишува Александар Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови кои во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна.
Романот, како ретко кој во македонската литература, покренува внатрешна револуција во секој кој ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него.
Раскажана од две перспективи – машка и женска, оваа приказна е фино испреплетена мозаична сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.