ЖИВКО ПОПОВСКИ ЦВЕТИН- Блаже Конески ми го всади генот за цвеќето, преку неговата “Ружа” цвеќињата ги сеам по целиот свет !

Скопје, 19.12.2021

Со стоминутна манифестација, сто подарени цртежи со ружи, и одиграна стотата реми-партија шах во чест на Блаже Конески, денеска во ресторан “Пелистер” Живко Поповски- Цветин чествуваше во чест на великанот Блаже Конески- сто години од неговото раѓање, како веројатно единствен легитимен продолжувач на неговото дело и мисија.
По тој повод се сретнавме со живата легенда, иконата на македонскиот хуманизам, на македонската уметност, на дарувањето, на добрата волја, светскиот поборник за мир, господинот Цветин,кој со шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски ја одигра стотата реми- партија за годинава, и со повод во овој ресторан.

Честитки по повод големиот јубилеј денеска, сто години од раѓањето на Блаже Конески. Она што мислам дека останува како голема антологиска трага како спој на Вас, два наши великани, е песната “Ружа” што Вие ја имате добиено лично од големиот Блаже Конески, а ова година ја доби својата полна смисла, бидејќи секаде го истакнувавте фактот дека таа песна Ви е посветена Вам.

-Да, токму така, оваа песна “Ружа” ја добив на 24 мај 1986 година, во годината на неговиот 65 роденден, ја добив на денот на просветителите Свети Кирил и Методиј, а за мене најголем просветител е Конески. Тој е наш великан на македонската култура и уметност, на македонската азбука и државност, остави големи траги и ме насочи со неа да ги поздравувам најмладите дечиња во градинките, учениците во основните и во средните училишта, на факултетите и секаде онаму каде што имаше некој мој настан. Зашто, со таа песна јас ги прегрнувам сите без допир. Песна која на крајот тој вели “ќе додам вечер скришем да те гушнам…”.

Се сеќавате на моментот кога Ви ја даде песната, напишана на хартија, и Ви ја изрецитира. Каде се случи?

-Тоа се случи во ОУ “Кирил и Методиј” во Скопје, тоа е близу Националната библиотека, таму се организираше еден настан посветен на Блаже Конески за патронатот на училиштето, и јас одејќи многу по тие настани во училиштата, имав прилика имав чест да се сретнам со Блаже и да му подарам моја слика со 65 рози, а тој мене да ми возврати со песната “Ружа” од збирката “Везилка”, и тоа беше за мене еден голем поттик. Таа песна всушност ме поттикна да одам на Струшките вечери на поезијата во 1986 година, со оглед на тоа дека јас не бев толку упатен во Струшките вечери, зашто мојата професија е агроном, работев како Претседател на Социјалистички сојуз на Општина Центар и немав причина за да присуствувам на таква манифестација. Но, оваа песна од Блаже Конески навистина ме поттикна тоа да го правам во изминативе 35 години, да одам на Струшките вечери, да подарувам мои слики и од поетите речиси од сите меридијани и на сите можни јазици да добијам песни со посвети, како онаа првата од Блаже Конески.

“Ружа”, рековте Ве повлече во еден длабок свет на поезијата, на уметноста, на широчината на душата. Дали во моментот кога Ви ја посвети таа песна чуствувавте дека еден ден ќе стане нешто навистина грандиозно, како што е од денешен аспект? Ја почувствувавте ли силината на тоа што ќе направи таа песна еден ден?

-Па видете, кога Блаже Конески во поттекстот на песната напиша “Оваа песна му ја препишав на другарот Живко А. Поповски од збирката “Везилка” од 1965 година за да му се заблагодарам на неговиот подарок- ликовен приказ на цвеќе и со мислата дека нема цвеќе што не е убаво”, тоа толку многу ме инспирира и што јас речиси истиот ден ја научив и наизуст за да можам да ја рецитирам.

Секој ден ја рецитирате?

-Секој ден каде што ќе стигнам дури и вака во приватни разговори, во средби со пријатели и средби и со непознати јас ја рецитирам таа песна, зашто таа песна е веќе во мене, а ружите јас ги сликам секојдневно, илјадници, илјадници ружи имам насликано.

Ајде повелете изрецитирајте ни ја:

Ружа
Ружо со лисје како меки усни,
Ти цутена на полјанка, те следам,
Те следам скришно, девојченце мое,
И само гледам, и само те гледам.
Ружо, јас сакам оној румен звук
Што во тебе се таи да го слушнам,
Ружо, јас сакам, и ќе дојдам вечер,
Ќе дојдам вечер скришем да те гушнам.

Покрај Вас и јас ги научив овие меки убави стихови кои ја опишуваат и убавината на цвеќето, и на жената, и на љубовта, и на природата, и на човековата природа и навистина ми е мило да ја слушам. Таа е толку убава, кратка, а расцутува во момент од збор во збор, токму како ружата. Ме интересира, рековте дека господинот Конески Ве воведе во тој поетски свет и поради тоа почнавте да одите на Струшките вечери на поезијата и ја расцветивте и таа манифестација, да ѝ дадете една форма, еден дизајн на цвет со Вашите цветови. Колку пати оттогаш имате присуствувано?

-Од 1986 година наваму, освен овие две години откако фати пандемијата, јас сум присутен на Струшките вечери и една година отсуствував тоа беше 2007 година кога на 2 август тргнавме за Пекинг со параолимпиецот Миле Стојковски од Прилеп, тогаш веќе бевме 51 ден во движење, од Скопје па до Анкара, и тогаш навистина не можев да бидам присутен, а тогаш Венец на поезијата доби палестинецот Махмуд Дарвиш.

Колку цвеќиња подаривте и што за возврат добивте?

-Во тие години јас добив околу 750 факсимили на сите јазици, покрај македонски, српски, словенечки, англиски, француски, арапски, шпански, јапонски, кинески руски, индиски, едноставно сите тие беа во ракопис и со посвета и тоа посебно ми е значајно што се со посвета, а дел од тие песни што ги добив се објавени во една книга “Цвеќе на мирот” 1991 година, тогаш веќе 5- 6 години бев присутен на “Струшките вечери”… Тука ми е пак на прва страница Блаже Конески, неговиот факсимил се разбира е таа почетна страница, потоа од Матеја Матевски, Десанка Максимовиќ, Ален Гинзберг, Генадиј Ајги, Андреј Вознесенски, Паскал Гилевски, Раде Силјан, Светлана Јоциќ, Душица Илин, Хустон Хорхе Падрон, Ив Бонфоа, Гилвик, Дагларџа, Тадеуш Ружевич, Окуџава, од Јан Ху кинески поет кој ми напиша посвета: “Покриена е со свежо цвеќе пространата македонска земја, цвеќето што го посади македонскиот сликар” тоа го напиша и благодарение на тоа бев инспириран и да излезе и една доплатна поштенска марка со посебен закон на собранието на Република Македонија, “Цвеќе на мирот”. Исто така еден убав момент беше кога Гане Тодоровски и Анте Поповски ми укажаа дека еден руски поет Генадиј Ајги, еден од најдобрите, дојде тука во 1989 година, и ми предложија да се сретнеме со него, да му подарам една моја слика, јас со задоволствто го прифатив тоа, па во фоајето на хотел “Дрим” во Струга, јас седам со двајцата академици и доаѓа поетот со преведувачот Ефтим Манев. Јас со него се поздравив и тој ме гушка мене како да сме биле заедно 30 години, колку што тој бил во затвор во Русија. И тогаш пиевме кој чај, кој кафе, кој вино, ракија, се разделивме и по еден и пол час ми посвети песна. Ефтим Манев доаѓа и ми рече “Живко веќе има песна за тебе” и ми ја превед “Денот заблагодарува (на Живко А. Поповски), о слава на постоењето на Светот, кога од небичас падна на Полето на Русија Роза бесконечно-охридска, со алено раширено поле на поезијата, додека Македонското Небо изгледаше на Христос-Душоспасител”.

Исто така имам една убава средба со Десанка Масимовиќ 1986 година, со неа се сретнавме на Струшките вечери на поезијата јас и раскажував дека почетокот на мојата мисија е писмото што го добив од Мајка Тереза потоа писмата и одговорот од Ла Пасионарија, Вили Брант, од Сандро Пертини, Индира Ганди и од Перез де Куељар, генерален сектетар на ОН во тој период. И таа вели- “Па побогу Поповски ти си као наш Немања, где ишао градио манастире” и на едно ливче ми напиша со нејзин ракопис “свом пријатели Живку Поповском” и ми посвети стих “Ко Сунце воли узастопце га прати сена. Ко боје воли, на зенице му пада мрена. Ко живи у себи, напада га све из вана, ко не зна да воли, умире од задатих му рана” .

Кога сме кај поетесите да не ја прескокнеме ни Светлата Христова Јоциќ, таа има еден многу импресивен стих за цвеќето.

-Таа во еден есеј има напишано за мене за ова книга “Цвеќе на мирот”, каде што таа вели:” оној што ќе скине цвет ќе ја вознемири и најдалечната ѕвезда, а оној што ќе скине повеќе цвеќиња ќе го вознемири целиот Космос”.

А оној што ќе нацрта цвеќе што предизвика, од Ваша гледна точка, што предизвикува?

-Јас од моја гледна точка тоа знам дека го пренесувам на целата околина меѓу најблиските меѓу пријателите меѓу соседите и онаму каде што ќе стигнам. На пример, неодамна едно девојче Јана Спасовска, кое за 11 декември денот на УНИЦЕФ на изложбата што ја имав на улица Македонија ми подари еден цвет што го направила специјално за мене, а нејзината мајка следната вечер доби награда за просветен работник и ми раскажуваше, Јана мене толку ми внесе радост, со тоа што била толку среќна што ѝ возвратив со цвеќиња, и дома возбудена им раскажувала на своите дедо баба. Многу ме радува кога ќе предизвикам радост.

Од каде Вие ја црпите таа радост и енергија, за да пренесеш нешто мора да го поседуваш, оти човековата радост е ограничена и е во одреден квантум. А Вашата постојано се мултиплицира, тука мора да има некоја тајна плус.

-Веројатно мајка ми ме има родено на некоја ливада, во село Брезово, не верувам дека во тие услови на 2 октомври 1944 година, можела да ме роди во палата или во болница. Така што верувам дека мирисот на цвеќињата сум го почувствувал уште откакоа сум излегол од плацентата, кога сум се одвоил од мајка ми, и оттогаш наваму преку тоа што си играв по градините, по ливадите, по овошните градини, јас сум го почувствувал тој мирис, таа убавина на цвеќето. Потоа и низ воспитно образовниот процес, со првата учителка Цацка во село Брезово, па со мојот учител Коста Хаџи Антоновски кој прв пат ме изнесе на сцена пред преполната сала во Демир Хисар, во ОУ “Гоце Делчев”, да го нацртам грбот на Југославија, и тоа на ден 29 ноември 1943 година. И навистина тој момент одигра големо значење кај мене, уште повеќе што и Коста ги сликаше цвеќињата во неговиот сликарски опус. Потоа, откако година дена не одев на училиште затоа што татко ми не ми даде можност да дојдам во Скопје, да се запишам во средното уметничко училиште поради материјални причини, јас протестирав година дена не одев на училиште, но штом следната година се запишав во средно земјоделско, завршив со одличен успех, дипломирав во Белград… Но, таа желба која ми беше потисната во овој период на 8 години од школувањето, во средното и на факултетот во Белград, повторно ми се јави откако пред одење војска во Билеќе јас имав еден период од 7-8 месеци каде што се растоварив од другите грижи и се потпали тоа жарче што тлеело во мене.

smart

Оваа година направивте низа настани и секој настан што го правете се потсетувате на Конески. Раскажете ни за Вашите средби?

-Ние се среќававме со Блаже Конески во Клубот на пратениците и тој, кога му ја подарив книгата “Цвеќе на мирот” во кој е неговата песна, рече: “Живко морам да ти кажам ваква книга нема излезено на Балканот” зошто во неа имаше 20 слики со цвеќиња од мене и внатре имаше покрај тоа на имитација на пергамент на хартија песната од една страна ракописот, а од друга страна пишуван текст на разни јазици, плус и препеано на македонски. Значи од сите овие што ги спомнав 79 поети од нивниот јазик ги преведов на македонски. Во оваа книга имаше и една порака за мир од д-р Васил Топурковски кој во тоа време имаше и едно движење “Мир во земјата мир во светот”. Исто така имав една сказна од д-р Коста Балабанов за “Живко Поповски во борбата против црниот, оној лошиот коњ кој носи несреќи” . Тука меѓу другите има и еден есеј од Васил Иљовски, нашиот познат драматург, кој запиша “за едно ретко и убаво пријателство со Живко Поповски” . И уште ова да кажам дека во таа книга е поместена една музичка нумера на Тодор Скаловски, а текстот е пак на Блаже и се вика ” Молитва”. И сѐ е поврзано со Блаже Конески, и тоа ме обзеде сиот овој период и јас сега во секоја слика морам да насликам ружа. Било какво друго цвеќе да нацртам, ружа мора да има.

Дали ова година сѐ што правевте му посветивте нему, но што беше најглавното?

-Прво, да кажам, ги поттикнав поетите кои не се етаблирани во друштво на писатели но кои пишуват поезија, да напишат песни. Потоа Вера Самарјанин, ја замолив, и ѝ велам – “јас ќе направам едно лого за чествувањето на сто години Блаже Конески и ќе илустрираме со мои слики една книга, а поетите да напишат стотина песни посветени на Блаже Конески” . Таа книга излезе, тука има доста поети, Вера Самарјанин, нејзината сестра Марика, а потоа Лидија Лучко Јеремиќ, Горан Анчевски, има доста поети и поетеси.

Воведовте и Цветинова награда за мир, оваа година, ја добија Димитар Илиевски, Ферид Мухиќ, Ѓорги Ѓоргиевски-Ѓе.Ѓе, “Нова Македонија”, Јордан Плевнеш, Коста Балабанов, Боро Ристевски, Ставре Димитров Стадим, Гордана Марковска Угриновска, Бистрица Миркуловска, Јелица и Атанас Николовски, Коста Хаџи Антоновски и “Мал битолски монмартр”, Славко Крстевски, Александар Стерјовски, Миле Димитровски, Милорад Јовановски…

-Па и тоа се ружи. Златните ружи. И тоа се совпаѓа. Посебно сакам да го истакнам она што ме инспирира кога прочитав за Блаже Конески дека бил прв претседател на Шаховски сојуз на Македонија, избран акламативно на 19 август 1948 година и дека овде, во “Пелистер”, каде што сме денес во негова чест, на екипно превенство со југословенскиот велемајстор Матановиќ, извадил реми. Друго сакам да кажам дека во тој контекст јас го замолив познатиот македонски шаховски интермајстор Димитар Илиевски да одигра сто партии шах во чест на сто години на Конески, и исто му насликав сто цветни шаховски полиња и една цветна шаховска табла, со назнака дека “ова е по повод сто години првиот претседател на Шаховскитот сојуз на Македонија” , и затоа и денес одигравме тука реми. Овде морам да кажам дека првата партија јас ја одиграв со Димче, ремизиравме, почнавме некаде на 31 март на денот на пролетта кога цвеќињата ги најмногу ги има по овошните дрвца, ги има и по ливадите, и по градините. Потоа подарував слики со цветчиња – во Преспа подарив 55 цвеќиња за дечињата кои учествуваа на јаболкоберот, а децата од “Жар Преспа” во цветната јаболкова градина пуштија пет балони повторно посветени на јаболковиот цвет и на јаболкото, зашто Конески на својата маса секогаш имаше јаболко и ноже и на некој начин кај него беше ритуал да јаде јаболко, што е симбол на здравје- секој ден по едно јаболко. Подаривв цртежи со цвеќиња и ружи за Блаже Конески на еден настан се организираше во Радовиш, во Кратово на “Лесновските ѕвона” потоа во Градскиот парк за старите лица имав хуманитарна изложба со цртежи со цвеќиња и многу други настани.

Дали Македонија доволно му се оддолжи на Конески, или можеше уште повеќе?

-Годинава навистина имаше доста манифестации посветени за Блаже Конески а јас од 1986 година, а и ова и следната и натаму додека сум жив ќе му ја посветувам на Блаже Конески, зошто не можам да не ги сликам ружите што толку во мене се вградија како ген. Можеби тоа звучи нереално меѓутоа ружите преку песната “Ружа” ги сеам по целиот свет а верувам оние што гледаат дека ги сликам знаат дека е тоа натпросечен талент и енергија, кои сега почна да ги продолжува мојот внук Андреј, од мојата ќерка Снежана.

Кој Ве финансира, наместо со пензијата да шетате по бањи, по одмори, Вие купувате материјали за цртање…

-Јас сам ги финансирам, некогаш некои пријатели или соработници без да барам ќе ми подарат бои и хартија, но со оглед на тоа дека сум скромен и не сум некој боем па да ги трошам парите за пиење, не сум човек кој се “носи”, имам едно свечено патло, едни свечени чевли и тоа е сѐ она што го носам насекаде во разни пригоди. Годинава правев и ликовни работилници како во “Панајот Гиновски” во два наврати бев на Еразмус програмите каде што имаше учесници од Португалија, од Турција и од Шпанија, имав работилница во “Фондација Никола Кљусев”…Посебно сакам да кажам дека ми е многу драга соработката со Лидија Велковска, позната убавица од седумдесеттите години, која го има брендот за прогласувањена Мис на Македонија, преку нејзините мисици за избор на Мис во светот во Лондон, и во Малезија, своевремено пратив и подарив по 120 слики цвеќиња рози, за сите убавици од целиот свет. Сликите беа на аукција и беа собрани средства за хуманитарни цели. А пораката беше: “Од насмевката на жената се раѓаат цвеќињата, љубовта, надежта”, а пораката беше на македонски и на англиски. И на Евровизија беа доделени мои цртежи со цвеќиња, а доделив и за Тоше, Калиопи, Есма…

Ќе се кандидирате ли повторно за Нобелова награда за мир, каде што досега го имате постигнато најголем успех на Македонец на глобално ниво, петто место?

-Во 2009 година бев меѓу првите пет во светот, победи Обама, Саркози беше пред мене на четвртото место, а Бил Клинтон зад мене на 6 место, а потоа дури и Хелмут Кол, претседателот на Алжир, Путин и други. Но се чувствувам како да сум ја добил Нобеловата награда со оглед на тоа што Обама не ја заслужуваше бидејќи тој отвори повеќе невралгични точки во светот, а Саркози видовме кој е, што е. Едноставно јас се чувствувам морален победник, дека сум ја добил Нобеловата. Секако дека со сѐ ова што го правам мислам дека заслужувам една таква награда, затоа што јас сум непосреден работник за мирот и хуманизам, а не сум на политичка функција, не сум на политичар да можам да делувам, да финансирам, да можам да поддржувам. Едноставно мене ме поддржува мојот мотив, мојата енергија, мојата љубов кон она што го правам дури и да има има совршен мир во светот, мирот мора да се споменува, солидарноста, меѓусебната соработка, или како што кажал мудриот Блаже Конески за кого годинава ја имаме именувано и серијата од сто – реми натпревари со Димитар Илиевски “Со мудрост до мир”, тоа е универзална вредност, да имаме разбирање и мир…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.