Детските филмови „Стакленото момче“ и „Патешествието на принцот“ викендов во кино „Милениум“

Анимираниот филм за најмладите „Патешествието на принцот“ и долгометражниот игран филм за деца „Стакленото момче“ викендов (сабота 18 и недела 19.12.2021) од 11 часот и од 13 часот ќе бидат на репертоарот на киното „Милениум“ во Скопје.
„Патешествието на принцот“ е долгометражно остварување на водечките француски аниматори Жан-Франсоа Лагиони и Ксавиер Пикар, кои користат ликови од фантазијата за да раскажат приказна за предизвиците на светот во кој живееме. Филмот беше конкурент за награда на Европскиот фестивал на фантастичниот филм во Стразбур, Франција (Strasbourg European Fantastic Film Festival), како и на други фестивали за анимирани филмови.
„Стакленото момче“, пак, е инспириран од истоимената книга на италијанскиот автор Фабрицио Силеи, добитник на Андерсоновата награда. Приказната допира важна тема, а тоа е потребата на децата да го надминат стравот од живеењето со болест, во случајот хемофилија. Филмот е копродукција меѓу Италија, Австрија и Швајцарија.
Кратка содржина: Лорен, стариот принц на мајмуните, се буди на непознат брег на земјата Ниокус, на кој се насукал по бродската несреќа. Таму го пронаоѓа дванаесетгодишниот Том, чии што родители ќе му пружат засолниште. Родителите на Том се научници во егзил: биле протерани од нивната поранешна заедница бидејќи верувале дека постојат и други мајмунски цивилизации. Принцот најпрвин ќе биде подвргнат на научни испитувања, а потоа во придружба на Том ќе шета низ главниот град и блиската џунгла, каде што открива непознат и волшебен свет. Но, Принцот ќе ги запознае и ригидните правила кои важат во тој необичен свет за него…
Стакленото момче Пино Гамбаси е дете што страда од хемофилија и гори од нескротлива желба за слободна и бескрајна храброст: решава да ја почне својата авантура во светот и да им покаже на сите дека може да живее како и секое друго дете.
Дистрибутер на филмовите е „Узенгија“ од Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.