Формирана секција на млади новинари при ЗНМ

По иницијатива на група на млади новинари од повеќе различни медиуми вчера беше формирана секција на млади новинари при ЗНМ. На состанокот на кој имаше четириесетина учесници се дебатираше кои ќе бидат приоритетите и целите на оваа секција во 2022 година. Вмрежување меѓу редакциите, подобрување на социоекономскиот статус на младите новинари, надградување на вештините за напредно известување и почитување на стандардите во новинарската фела беа дел од темите за кои се разговараше на форумот.

Целта на формирањето секцијата пред се е да се афирмира новинарството како атрактивна професија, од причина што денес има се помалку интерес за истата и многу редакции се соочуваат со сериозен проблем да најдат новинари. Освен ова, со секциите се цели кон градење на поголема солидарност во новинарската професија и на дополнително надградување на знаењата како професионалци во секторот. Покрај популаризацијата, секцијата во иднина, преку градење на капацитетите ќе им овозможи на младите новинари да добијат не само можност да слушнат искуства од други медиуми и историски преглед како се менувале работите, но и околу професионалните стандарди и црвените линии во професијата.

Како една од стратешките цели на ЗНМ од особена важност е градењето на капацитетите и унапредувањето на условите за работа во редакциите како и подобрувањето на соработката на младите новинари со своите поискусни колеги во редакциите. Таквата соработка ќе придонесе за поактивно вклучување на младите во креирањето на професионален амбиент за работата на новинарите.

На настанот поздравни обраќања имаа Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Сашка Цветковска, координатор на иницијатива за формирање на Секција на млади новинари при ЗНМ и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ кој ја претстави целта за формирањето на секцијата на млади новинари.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.