Изложба на на Пепси во Чифте Амам

„И ВО ОГНОТ ШТОМ ЌЕ ЗАПРОЛЕТИ“

Чифте амам, 21 декември 2021, 20 ч

Со изложбата во Национална галерија, неформална камерна ретроспектива на дела од периодот на неговото делување од крајот на минатиот милениум, Перица Георгиев-Пепси нѐ воведува во егзистенцијално-духовни прашања и ги бара одговорите за смислата на животот и философијата за сопственото постоење. Притоа, евидентно е прочистувањето на визуелната палета. Тој ги материјализира и ги презентира сите интимни состојби и ситуации што го провоцираат уметникот на креативен чин и се интегрираат во сложувалката на секојдневието, оставајќи метаризница на минатото – во иднината.

Пепси со својата ликовна лексика говори за внатрешниот импулс и надворешната експресија. Неговите дела претставуваат интимно-имагинарен дневник, тие се плод на личен белег и единство, кое сведочи за творечката енергија како слика на неговата душа и сензибилитет, додека возвишеното, трансцендентното, својата форма ја наоѓа во динамиката на потегот, формата, бојата, светлината…

За Пепси сликата е простор за преиспитување на емоционалното присуство на човекот и на потрагата по личната вистина и суштината на постоењето. Оттука, во овие негови дела може да се откријат елементи од потсвеста, психата и потиснатите чувства, каде духот продуцира слика. Обликувањето на сликата вклучува два процеса – несвесните и свесните активности. Акумулацијата на овие елементи го претставуваат човекот кој со сознанијата и искуствата се изградува во личност. Всушност, Перица Георгиев преку своите дела говори за животот и го слави постоењето.

Биографија на авторот

Перица Георгиев-Пепси е роден во 1957 година, во Скопје. Израснал во семејство коешто ја поддржувало неговата индивидуалност насочена кон светот на боите, звуците, вибрациите – „невидливата“ суштина на надворешното, видливото и негова репродукција на хартија. Затоа е природен патот на неговото насочено образование, прво во Средното уметничко училиште, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Тоа е период на акумулација на длабоки интелектуални информации – од богатата библиотека на неговите родители, преку која се формира широкиот и нестандарден критички поглед на Перица Георгиев за животот, уметноста, светот. Од друга страна, во процесот на комуникација со неговите учители и колеги, во реализацијата на поставените задачи, започнува формирањето на неговиот стил на сликање, што почесто не е во согласност со очекувањата на традиционалното образование. Сепак, има професори кои го согледуваат нестандардното во неговиот начин на размислување, имено дека уметноста не е луксуз на материјално богатите, туку се јавува како егзистенцијална потреба од длабочините на човековото постоење. Во 1984 година сосема природни се неговите први настапи со групата „Зеро“, во која учествуваат повеќе уметници и музичари. Заедно излагаат во полето на колажот, инсталацијата, анимацијата, видеото, музичките и мултимедијални хепенинзи.

Со веќе стекнато лично, креативно искуство, во 1987 година Перица Георгиев-Пепси дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

Тој остави белег во македонската уметност како еден од уметниците во групата „Зеро“, која беше активна во 1980-тите и влијаеше врз генерации македонски уметници. Оваа група се појави како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничка сцена, воспоставена во социјалистичкиот режим на СФРЈ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.