Меѓународниот ден на човековите права се одбележува секоја година на 10 декември – денот кога е усвоена Универзалната декларација за човековите права од страна на Обединетите Нации во 1948 година. Универзална декларација за човекови права (УДХР) — декларација донесена од Генералното собрание на Обединетите нации на 10 декември 1948 г. во дворецот Шајо, Париз. Декларацијата произлезе директно од искуството од Втората светска војна и го претставува првото глобално изразување на права на коишто, по својата природа имаат право сите човечки суштества. Декларацијата се состои од 30 члена коишто се елаборирани во подоцнежни меѓународни договори, регионални инструменти за човекови права, национални устави и закони. Меѓународната повелба за човекови права се состои од Универзалната декларација за човекови права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и неговите два Факултативни протоколи. Во 1966 година, Генералното собрание донесе два детални пакта коишто ја комплетираат Меѓународната повелба за човекови права и во 1976 година, откако двата пакта беа ратификувани од доволен број поединечни држави, Повелбата стана меѓународен закон.
Сепак, неколку децении подоцна, сè уште сме сведоци на кршење на човековите права и дискриминација по повеќе основи, вклучувајќи пол,сексуална ориентација и родов идентитет, етничка припадност, религија, раса и други.
(Елеонор Рузвелт, фото википедија)