Новогодишен концерт на Пијано дуо – Јована и Мимоза

По пауза од една година, каде уметниците, сцената и публиката за момент прекинаа да дишат, со големо задоволство Ве покануваме на традиционалниот Новогодишен концерт на Пијано дуо – Јована и Мимоза,  овој пат насловен како “Празнична рапсодија Vol.2”, во својата најава велат Јована и Мимоза. 

На програмата ќе бидат изведени дела од следниве композитори:

 

             F. Schubert – Andantino varie

             F. Schubert – Fantasy in f minor

             F. Liszt – Hungarian Rhapsody no.2

             J. Brahms – Hungarian dances no.1,2,3,4,5

Концертот ќе се одржи на 14.12.2021 (вторник) во 20 часот  Камерна сала на Филхармонија

Цена на влезници:  300 денари. Билетите се веќе пуштени во продажба и може да се резервираат и подигнат од билетарницата на Филхармонија тел: 02 / 3238 182 или по e-mail:  [email protected]

***

Мимоза Ќека пијано започнува да учи на петгодишна возраст, а основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј’. Дипломира во класата на проф. Тодор Светиев и магистрира (2017) под менторство на проф. Лилија Зилберштајн. Активно настапува одржувајќи целовечерни рецитали во рамки на фестивалите Златна лира, Нов културен бран, Festival international de piano Jeunes Talents- Франција, Сиена летен Фестивал на класична музика- Италија, Солеј- Фестивал на Франкофонијата- Бугарија, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, Музички недели – Париз, како и во склоп на концертната сезона на Bristol Music Club. Настапува и во состави, со ансамблот ConTempora, како и во рамки на Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, Musica Viva. Посебно се издвојува нејзиниот настап со Симфонискиот оркестар на ФМУ-Скопје, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар со изведба на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од К. Сен-Санс. Во ноември 2018 година заедно со Јована Трајчева успешно го реализираат проектот ,,Есенска Бајка”- Хуманитарен концерт за СОС Детско село Скопје. Мимоза Ќека е член на Сојузот на Музички Уметници на Македонија.

           Јована Трајчева своето музичко образование го започнува на 7 годишна возраст во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј”. Дипломира и магистрира (2017) на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, на одделот по музичка интерпретација. Од 2015 работи како професор во ДМБУЦ ,,Илија Николовски – Луј”. Бележи успешни настапи и на фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva, Есенски музички свечености. Има одржано повеќе солистички рецитали во градови низ Р.Македонија- Скопје, Охрид, Тетово, како позначаен ќе се спомене и рециталот во црквата Св.Софија во Охрид 2017 година, настапува и со македонската филхамонија по повод 13ти Ноември, изведувајќи ја Рапсодија за Скопје од А. Џамбазов. Бележи настапи и натпревари и фестивали и надвор од Македонија- Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, Музички недели – Париз. Настапува и со оркестарот на Македонската Филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Заедно со Мимоза Ќека успешно го реализираат проектот ,,Есенска Бајка”-Хуманитарен концерт за СОС Детско Село Скопје. Јована Трајчева е редовен учесник на семинарите на проф. Борис и Људмила Романови.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.