Скопје, 07.12.2021
„Македоника литера“ неодамна го објави романот „Досадников“ на украинската писателка и преведувачка Ана Багрјана, во превод од украински јазик на Ленче Тосева.
Романот е добитник на специјалната награда на издавачите на меѓународниот литературен натпревар „Крунисување на зборот“ (2012) и беше номиниран за наградата за книга на годината во Украина. Во романот е раскажана современа приказна за себебарањето во лавиринтото и хаосот на современиотначин на живеење. Главниот лик, Антон Досадников, кој дипломирал на Институтот за новинарство, се обидува да ја пронајде својата струка во животот. Откако извесно време работи како дописник за политички вести, потоа – како крупие во казино и на крајот – како шеф на `Одделот за преиспитување` во списанието „Криминален свет“, се соочува со болестите на своето време. Го прогонуваат опсесивни соништа и грешни мисли за сенишна монахиња. Антон оди во црква во потрага по ментална рамнотежа, каде, наместо тоа добива понуда да стане главен уредник на црковен билтен. Неговата нова работа го инспирира за нови гревови и злосторства, тајно ги снима исповедите на мирјаните. Антон е отпуштен од оваа работа и го остварува својот долгоочекуван сон – да отвори свој ресторан, каде посетителите ќе имаат можност да се исповедаат еден на друг и да добијат прошка за сите гревови. Но сонот набргу се претвора во кошмар…
Ана Багрјана (1981, Фастив, Киевска област, Украина) е поет, прозаист, драматург и преведувач. Завршила украински jазик и литература во Киев. Автор е на поетските книги „Соцветие од зборови“ (2000), „Сред виолетовите соништа“ (2002), „Меѓу боговите и нас“ (2005), „Прошетка по jаже“ (2008), „Другите линии“ (2009), „Баење од љубов“ (2011); романите „Етимологиjа на крвта“ (2008), „Толку необична љубов“ (2010), „Досадников“ (2012), на книгата „Македонски раскази“ (2016); книгите со проза за деца „Животи на истакнати деца“ (2010), „Приказни од градскиот парк“ (2014), „Генја“ (2015), „Остварени мечти“ (2015); повеќе драмски дела, раскази и критички статии, обjавени во антологии, алманаси и литературни списаниjа. Изведени се претстави со пиеси и либрето на Ана Багрjана во Украина, САД и Македониjа.
Преведува од словенски jазици. Превела петнаесетина дела од македонски на украински јазик, а во украински книжевни весници, списаниjа и интернет-страници обjавила голем број преводи на песни, раскази и драми од македонски автори, како и статии за современата македонска книжевност. Составувач и преведувач е на „Антологиjата на современата поезиjа на Република Македониjа“ (2012) на украински jазик.
Наградена е со повеќе украински и меѓународни книжевни награди.
Неjзини дела се преведени на полски, азербеjџански, бугарски, руски, македонски, француски, англиски, латвиски, ерменски, албански, српски, хрватски и на други jазици. Во Македониjа се објавени: „Толку необична љубов“ (2010), „Пиеси“ (2011), „Ѓерѓеф“ (поезиjа, 2012), како и нејзината книга со раскази за деца „Приказни од скопскиот парк“ („Македоника литера“, 2016).
Учествувала на сите поголеми и позначајни книжевни манифестации што се одржуваат во Република Македониjа, а трипати учествувала и на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2009 до 2015 година привремено живееше во Скопје.