Новогодишна одговорна уметност!

Секој пат пред и околу Нова година имам фобија да поминам низ Плоштадот на нашето Скопје, наше на тие што живееме овде, тие што се родени овде и на сите, бидејќи во една поширока слика главниот град по дифолт им припаѓа подеднакво на сите од целата ни земја. Без оглед кој жител на која оддалеченост го живее својот живот.
Убаво е, признавам и мене ми е драго, но новогодишните украсувања ме шетаат од мисла до мисла и расположението ми паѓа, наместо да ми се подига.
Дека сето тоа е кич никој не може да негира, кич дури и за најголемите љубители на кич (некаде на средина сум јас, не сакам кич, но знам да уживам во него, му се радувам доколку е природен и спонтано создаден, а го одбегнувам ако е вештачки, како погоре споменатиот ). И тоа, скапо платен кич.
Во тој момент помислувам на малото секогаш осветлено гратче во чиј центар пораснав, потоа на богатото село во кое живееше баба ми, та што ако, кога ќе прегореше светилката на бандерата редовно се засопнуваше и во темницата паѓаше сама и беспомошна во дворот, затоа што слабо допираше светлината од другите подалечни бандери, и потоа и на сите оние села и мали места во кои нема ни “С” од светлина во ноќите, освен полната Месечината кога и е редот.
И како “баланс” или подобро речено контраст на сето тоа, еве ги сите овие светилки беспотребно сконцентрирани на неколку стотина метри квадратни во центарот на главниот град, кои не можат да ти го задржат вниманието повеќе од минута две, напорни се за сетилата, за восприемање сите одеднаш.
Голем проблем е повеќе од една деценија новогодишното китење и организирањето на новогодишниот дочек на Плоштад. Причина за кавги. Се креваат јадови, и критики упатени кон градоначалниците. Тие, малку по малку од некои поскромни концерти, дојдоа до фаза да прават баснословни спектакли какви што нема ни во најбогатите метрополи и да украсуваат за енормни суми, и тоа со пластични декорации. Без никаков природен и топол амбиент. А целта на новогодишниот амбиент е да ти ја стопли душата и да ти создаде илузија дека не ти може ништо студот што те облива и ти ги смрзнува прстите и носот.
Сѐ се доведе до ниво на разврат, претпоставувам подесено за некои луѓе да се богатат дополнително. И дојде до точка на топење. Месеци изгубивме во нервози и препукувања, за тоа како било а како требало да биде.
А оваа година новата градоначалничка рече дека нема да се трошат пари за купување нови украси (имаме цели тони од минатите години), ги повика општествено одговорните компании тие да накитат.
Јас знам дека мојата листа на навистина општествено одговорни компании е празна, и ќе почне да се полни кога ќе забележам дека некоја таква компанија нахранила гладни луѓе (во новогодишната ноќ) , на кои украсите им се нешто недостижно и безначајно, и чија светлина се топи во звукот на крчењето на празните стомаци.
Убав е плоштадот и светол. И сите кафулиња и продавници наоколу си имаат убави елки кои им ги красат излозите. И светлечки реклами има. Па за што ќе ни се лампиони плус, да ни го заматуваат погледот?!
Кризни времиња, доволно е само неколку Дедо Мразовци да се фотографираат и ги даруваат децата, за оние родители кои имаат да платат, а за оние кои немаат еве им шанса за докажување на својата висока свест на општествено одговорните компании.
Но, се прашувам себе си, зошто тука да не ги повикаме и општествено одговорните уметници. И младите таленти? Неодамна ги разгледав двете славенички изложби по повод 75 годишнината на Друштвото на ликовни уметници. Радост за очи. Пикасо чиниш не им е рамен.
Зошто сите тие уметници а и многу повеќе, на пример децата од училиштата, нешто не изработат со материјали кои им останале од некоја изработка, полни се со креатива, и од нивните дела да се украси плоштадот од сите страни. Замислете каква глетка би била. Без трошка кич. И без трошоци. И колку општествено одговорна.
На 11 декември, годинава по втор пат, едно такво украсување на улица Македонија ќе ни направи уметникот нобеловскиот кандидат за мир Живко Поповски Цветин. Тој, дел од своите цртежи со цвеќиња кои ги подарувува со години, ќе ги изложи на улицата за да ја украси во овие ладни денови. А доколку се оствари и мојов предлог, би се украсил и Плоштадот и нашите лица со насмевки, затоа што наместо апатија и нервози, ќе знаеме дека некој навистина мислел на нас. Нашите уметници. Ете им мегдан за изложување, докажување, или дебитирање.
Ајде, нека надвладеат емоциите, интелигенцијата и талентот наместо сомнежите за профит и постојаните препукувања, и наместо скапи концерти со баснословни суми, создадени во полза на (партиски подобни) музичари, да се даде сцена и шанса кој сака да засвири, сите тие млади таленти кои доаѓаат. Како отворена, “добредојде” сцена. Верувам ќе сакаат сето тоа да продолжи и по Нова година…
Па! Да ги поврземе идеите, општествената одговорност и поубавата иднина, со новогодишната порака.
Ионака американски писател Хенри Милер објаснил: “Уметноста не нѐ учи на ништо друго, освен на смислата на животот”.

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.