Скопје, 29 ноември 2021
“Цветинова награда за мир” денес му беше врачена на новинарот и текстописец Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе. Ѓе., со што се овенча неговата плодна новинарска кариера и мирољубива мисија, со која во текот на животот се истакнал овој новинар и текстописец, од Преспа.
Уметникот и хуманист Живко Поповски- Цветин наградата му ја врачи во Фондацијата “Никола Кљусев”, што претставуваше голема чест за наградениот новинар и неговите најблиски.
Пред присутните, претседателката на Фондацијата Маргарита Неновска, доктор Људмил Кљусев, синот на Никола Кљусев, Бети Кљусева, новинарките Ангела Неновска – Крстевска и Силвана Јованчева, фотографот Јон, Ѓе. Ѓе. ја претстави и својата книга со песни “Македонијо, гордост моја”. Воедно, ја изрецитира и “Везилка” од Блаже Конески, во чест на сто годишнината од неговото раѓање, а кон тоа со рецитација на своја песна напишана за Конески се надоврза и професорката Весна Дамчевска Илиевска.
Во контекст на јубилејот, шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски со доктор Кљусев одиграа реми партија, како дел од стоте натпревари кои посветено за Конески ги одигрува во оваа славеничка година.
-Овој свечен настан е организиран на 29 ноември, денот на создавањето на СФРЈ во рамките на која е создадена и Република Македонија, а сето тоа има и симболика за успешната кариера и награди што во СФРЈ ги остварил Ѓе. Ѓе. Доктор Никола Кљусев е првиот и најуспешен, и секако и најценет премиер на Македонија, Блаже Конески е првиот Претседател на шаховското друштво на Македонија и скромно да кажам и, јас сум првиот Претседател на Црвениот крст, меѓудругото за овој свечен настан рече Цветин, кој упати грст пофални зборови за Ѓе. Ѓе, нарекувајќи го Човек- Вселена.
Освен наградата од страна на “Фондацијата” врачени му беа и книги во авторство на Никола Кљусев.
“Цветинова награди за мир” неодамна ја востанови нашиот светски признат хуманист, уметник и поранешен кандидат за Нобелова награда за мир, Цветин, и се доделува на значајни личности од општествениот живот на земјава.
Валентина Ѓоргиевска Парго