12. издание на Интернационалниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал“ ќе се одржува во хибридна форма од денеска, 25 ноември до 1 декември 2021 година преку платформата „Cinesquare.net“, и во Кинотеката на Северна Македонија на 1 декември, со 41 филм од 27 земји.
Годинaшното мото е „Филмот продолжува“. Како што соопштија од тимот на „Мобил фестивал“, на конкурсот за годинава пристигнале повеќе од илјада филмови од целиот свет, од кои во навистина тежок избор беа избрани најдобрите, меѓу кои и три македонски филмови.
Од минатата година филмовите од програмата се достапни во 13 земји од регионот со што Мобил фестивал добива регионална димензија.
Сите филмови се бесплатни за гледање. Традиционално, филмовите ќе се натпреваруваат за признанието „Ратка Илиевска-Лале“ за најдобар филм, а ќе бидат доделени и награди за најоригинална приказна, за најинвентивен филм и за најдобра идеја, за кои ќе одлучи тричлено жири.
Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.